Google Stadia со нови игри во април

Покрај релативно нестабилниот почеток на годината, Google не престанува да доставува нови надградби за нивната Stadia платформа. Не само што има нови игри, туку и гледаме поддршка за повеќе уреди, како и нови функционалности.

Google нуди две нивоа на претплата со Stadia. Google Stadia Base е бесплатното, со ограничување на максимална резолуција од 1920х1080, а за цена од $9.99 месечно може да одите на Stadia Pro, кое ви дава можност за 4К гејминг. Друга разлика е 5.1 surround звук кај Pro, наспроти стерео кај Base, како и можноста да добивате нови игри, бесплатно, со скоро секоја нова надградба.

И покрај фактот што во месец април корисниците на Stadia Pro ќе ги изгубат Metro Exodus и Thumper, Google најавија мноштво нови игри за нив, и секако, игрите остануваат достапни за купување во Stadia Store. Во моментов, истите корисници имаат пристап до Destiny 2: The Collection, GYLT, GRID, Steamworld Dig 2, Steamworld Quest, и други.

Новите игри кои доаѓаат во април за Stadia Pro се Serious Sam Collection, Stacks on Stacks (on Stacks) и Spitlings. Serious Sam франшизата ќе им биде добро позната на многу гејмери како една од најинтересните брзи пукачки игри во моментов, а колекцијата ги вклучува The First Encounter, The Second Encounter и BFE. Stacks on Stacks (on Stacks) ви дава задача да ставате блокови едни над други со цел да изградите највисока кула што можете, додека Spitlings е хаотична arcade игра наменета за максимум четворица играчи.

Покрај ова, Google исто така на 23 март го најави и Stadia Makers програмот, кој функционира заедно со Unity. Програмот е наменет за независните развивачи на игри, и ќе им понуди техничка помош од експерти кои работат за Unity, како и бесплатен хардвер, и финансиска помош. Google се надева дека со овој програм ќе донесе повеќе игри на платформата, и ќе може да им помогне на сите студија за кои немаа ресурси кога Stadia првпат се пушти во употреба.

ОСТАВЕТЕ КОМЕНТАР

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *