Петровска: Ако Мицкоски не бил во фитнес-центар, ќе ми биде благодарен кога сето ова ќе се разреши

Дополнителната заменик-министерка во МВР, Славјанка Петровска, тврди дека имало разговор помеѓу лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и дополнителниот помошник-министер во одделот за внатрешна контрола за неговата посета на фитнес-центар за што тече интерна истрага во рамките на Министерството.

Таа вели дека за содржината на разговорот треба да каже Мицкоски. Петровска истакна дека во време на дигитална форензика нема да дозволи истрага врз основа на изјави за шкафчиња со вратички или без вратички.

„ВМРО-ДПМНЕ сè уште живее во стар лош филм. Времето кога се снимаа телефонските разговори на вработените во Министерството, а богами и на министри, директори, пратеници, опозиција, граѓаните, е завршено. Опремата ја уништивте мислејќи дека ќе ги избришете доказите. Ама не можете да ги избришете трагите на режимот во кој владеевте и затоа не обидувајте се со лаги да го оправдате отсјајот. Разговор имало, а за содржината прашајте го Мицкоски. Јас барам да се спроведе законот и затоа барам целосна и темелна истрага, која во 21 век и во време на дигитална форензика нема да се сведе на изјави за тоа кога се наместени шкафчињата, со вратички или без вратички. Ако Мицкоски навистина не бил во фитнес-центар во време на пандемија, ќе ми биде благодарен што поддржувам целосна истрага и наместо да се заканува, ќе му биде благодарен на дополнителниот помошник што побара вештачење на снимките“, пишува Петровска.

Таа побара да се остават вработените во МВР да го спроведуваат законот, а оние што грешат, да признаат и да се извинат наместо, како што вели, да измислуваат изговори.

ОСТАВЕТЕ КОМЕНТАР

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *