Емилија Динева е жената донор која ја сплоти цела Македонија

Емилија Динева по потекло од Јосифово, а која со сопругот и фамилијата живееше во Дојран, е жената чие срце и бубрези се донирани на тројца пациенти.

Веста за случајот предизвика бура од емоции кај целата нација. Блиски пријатели и роднини на Емилија, која го изгубила животот во сообраќајна несреќа на социјалните мрежи се простуваат со неа, со трогателни пораки во кои се помешани тагата поради прерано изгубениот живот, но и гордоста што се испиша историја во нашето здравство, бидејќи ова е првпат во нашата земја да се изврши трансплантација на срце, односно трансплантација од починат донор.

Во тек е и трансплантација на бубрезите, кои ќе ги добијат двајца пациенти.

Градоначалникот на Дојран, Анго Ангов вели дека е горд на неговата сограѓанка Емилија и на нејзиното семејство. Тие му биле соседи, вели дека познавајќи го семејството цел живот, веста длабоко го трогнала.

Емилија е родена во Јосифово, долги години со сопругот живее во Стар Дојран, мои соседи се и луѓе кои ги почитувам. Во понеделникот се случи несреќата, која за жал заврши кобно.

Таа беше во кома изминатите денови, не преостануваше ништо друго…

Одлуката да се донираат нејзините органи ја донесе целото семејство, сопругот на Емилија, нејзината ќерка која има 23 години и синот кој има 18 години. Нема зборови со кои може да се опише нивната големина. Оставија траг во нашето здравство, во нашата медицинска историја – емотивно раскажува Ангов.

Додава дека покрај огромната тага која што ја чувствува цел Дојран, сите се истовремено горди на ова семејство.

Уште е рано да се зборува, но секако дека во план ни е Емилија да добие постхумно признание од нашата Општина, да се остави белег на ова што се случи.

Да се следи примерот на семејството Диневи, да се подигне свеста за донирањето на органи. Во едно семејство денес има тага, други три семејства започнуваат нов живот. Засекогаш ќе бидат споени во својата болка, но и благодарност.

Тешки се овие моменти за сите. Во постојан контакт сум и со министерот за здравство Венко Филипче, ќе сториме се што можеме да му помогнеме на семејството во овие тешки моменти, но и да се запомни големината на сите овие луѓе – порача Ангов.

ОСТАВЕТЕ КОМЕНТАР

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *