Избори на 5-ти јули со учество на сите политички партии

За да се запазат роковите треба да се одржат парламентарни избори на 5-ти јули, повтори техничкиот премиер Оливер Спасовски, а со истиот став е вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи.

Лидерот на опозициската ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пак, смета дека избори треба да има дури откако ќе се стави крај на епидемијата со коронавирусот иако потврди дека на избори кога и да ги има ВМРО – ДПМНЕ ќе учествува.

Изборите мора да се одржат врз основа на законските прописи и врз основа на владината уредба. Таа уредба ги прекина активностите околу изборите.

Така што, кога ќе заврши вонредната состојба, роковите за избори ќе продолжат и остануваат уште 22 дена, а тоа се поклопува со 5-ти јули како можен датум.

Затоа, ако ги следиме овие факти тогаш датумот за избори е јасен. Нам ни треба функционална држава и ако нема избори ќе нема ништо. – истакна Спасовски.

Според него, изборите ќе се организираат согласно протоколите, со внимание да имаме успешен и мирен изборен процес.

Премиерот нагласи дека сега имаме состојба во која ќе живееме подолго и затоа мораме да имаме избори во првиот можен рок, бидејќи немаме начин како да функционираме како држава ако немаме избори.

Очекувам сите политички парти да направат сопствена анализа и да учествуваат на изборите. – дополни Спасовски.

Според него, комуникација може да има во секое време само партиите да најдат прифатлив датум за избори. Тој нагласи дека и 21 јуни беше можен датум за избори, но ситуацијата налагала продолжување на вонредната состојба, додавајќи дека смета оти согласно условите нема потреба од нова вонредна состојба.

Тој напомена дека државата е нефункционална и дека изборите се решение за да можат институциите да ги исполнуваат обврските во целосен капацитет.

Што ќе ни се случува по месец, два, три? Дали нема да има нови заразени? Ова нема да заврши преку ноќ, а ние мораме да ги комплетираме институциите.

Ако имавме полн политички мандат со функционален парламент ќе беше поинаку, ќе функционираше државата. Затоа сега, според протоколите за заштита, ќе направиме се да имаме безбедни избори.

Ако носиме маска во маркет, во ресторан, тогаш зошто да не носиме и на гласачките места. – потенцира Спасовски, кој воедно е и потпретседател на СДСМ.

Мицкоски нагласи дека ВМРО – ДПМНЕ е подготвена за дијалог и откако успешно ќе заврши пандемијата може да се зборува за поконкретни датуми и чекори за избори.

Мицкоски сепак истакна дека кога и да има избори ВМРО – ДПМНЕ ќе учествува за да го победи СДСМ.

Тој потврди дека до скоро имало меѓупартиска комуникација за договор за датум за парламентарните избори, но оти таа прекинала по зголемувањето на бројот на заболените од Ковид-19 во земјата, во петокот.

Османи смета дека нема друг датум освен 5 јули за одржување на предвремените парламентарни избори, посочувајќи дека такви се роковите и законски и логични.

Ставот ние го кажавме, нема друг датум освен 5 јули во овој период што доаѓа. Такви се роковите, и законски и логични и какви било. Јас очекувам дека ќе постигнеме договор за 5 јули, за да ги вратиме институциите.

Меѓутоа кога би ставил пак „на вага” еден да заболи од изборниот процес, па макар и асимптоматски да биде, дали вреди сето тоа. Така што еве во овие две недели да ги следиме трендовите. – нагласи Османи.

Тој истакна дека последната воведена двонеделна вонредна состојба им помогнала како Влада да работат помалку под притисок на роковите и да се фокусираат на здравствената состојба во овој период, а во меѓувреме да продолжат да разговараат со политичките партии.

Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји  порача дека ќе контактира со македонските власти за гаранции дека има доволно време за изборна кампања и дека изборите ќе бидат фер.

Ја видов најавата на Владата дека има намера да одржи избори на почетокот на јули, треба да ги погледнам деталите, она што засега можам да го кажам е дека изборите треба да бидат фер и слободни и да има доволно време за кампања, можност за партиите да водат кампања.

Треба да видиме и како ова може да се имплементира под Ковид правилата, ќе го отворам ова прашање со македонските власти затоа што е многу важно да се обезбеди дека изборите ќе бидат целосно фер. – рече Вархеји.

ОСТАВЕТЕ КОМЕНТАР

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *