Државна видеолотарија против барањето на АСОМ за онлајн обложувањето

Како одговорна компанија, во услови на пандемија во државата, ја поздравивме Уредбата на Владата на Република Северна Македонија со која на приредувачите на игри на среќа, времено им се помогна и им се овозможи опција за игрите кои ги приредуваат на своите локации, да ги приредуваат и преку глобалната интернет мрежа, но напоменуваме дека онлајн приредувањето на игри на среќа е веќе уредено со постојното законско решение, се вели во реакцијата на Државна видеолотарија на Македонија на барањето на Асоцијацијата на спортски обложувалници.

„Сакаме да појасниме и допрецизираме некои ставови во објавата на АСОМ кои не ја отсликуваат реалноста во областа на игрите на среќа.

Онлајн приредувањето на игри на среќа не започнало со носење на горенаведената Уредба од страна на Владата на РСМ на 24.04.2020 година. Владата  на 16.01.2014 на прес конференција ги соопшти плановите за интернет игрите на среќа. Платформата за онлајн приредување на игри на среќа на Државната видеолотарија на Македонија официјално почна со работа на 01.04.2015 година – значи повеќе од 5 години пред носењето на Уредбата.

Самото почнување со работа во 2015-та година укажува дека постојниот Закон за игри на среќа и забавни игри и многу години пред носењето на Уредбата овозможувал заинтересираните правни субјекти да побараат лиценци за приредување на ваков тип на игри на среќа, во соодветни процедури кои единствено требале да бидат доуредени со подзаконски акти.

Приливот на средства по овој основ во државниот буџет се евидентирани уште од 2015 година, а не само од носењето на Уредбата.

Со самиот факт дека законското онлајн приредување на игри на среќа преку Државната видеолотарија на Македонија функционира во РСМ повеќе од 5 години, а и присуството на нелегалните странски приредувачи е во спротивност со ставот дека оваа категорија на игри на среќа е во зачеток.

Државна видеолотарија на Македонија смета дека какво било инкорпорирање на Уредбата во Законот за игри на среќа и забавни игри ќе биде правен преседан во услови кога дејноста односно категоријата на онлајн приредување на игри на среќа е веќе уредена со постојното законско решение – Глава 6, членови од 98-124. Недостасуваат само подзаконски акти кои треба да бидат донесени“, се вели во реакцијата на Државна видеолотарија.


ОСТАВЕТЕ КОМЕНТАР

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *