Шекеринска – Кал: Уште поинтензивна одбранбена соработка со САД

Направен е исклучителен прогрес и денеска земјата е полноправна членка на Алијансата која годинава ќе постигне целосна воена интеграција во структурите на НАТО.

Тоа во денешниот телефонски разговор го заклучија министерката за одбрана, Радмила Шекериска и потсекретарот за одбрана на САД за политички прашања, Колин Кал.

Министерката Шекеринска во разговорот истакна дека Македонија е целосно посветена на вредностите на Алијансата и дека несомнен пример за тоа е учеството на припадниците на Армијата во мисиите на НАТО.

Шекеринска порача дека капацитетите на Армијата се и капацитети на НАТО – армискиот полигон „Криволак” кој континуирано се развива со поддршка на САД, годинава беше домаќин на македонски-американската вежба „Одлучен удар” и доби високи оценки од сојузниците за можностите кои ги нуди за реално извежбување и развој на интероперабилноста помеѓу земјите-членки.

Министерката рече дека приоритет останува стабилниот раст на одбранбениот буџет, реализацијата на отпочнатиот процес на модернизација, како и одржувањето на интензивниот процес на тренинг и извежбување и дополни дека Министерството направи големи чекори напред во однос на градењето интегритет и транспарентноста, споменувајќи дека одбраната е најтранспарентната институција во државата две години по ред, а годинава и со скор од 100 проценти исполнетост на критериумите.

Потсекретарот за одбрана, Кал, изрази поддршка за реформските процеси и процесот на модернизација на Армијата и порача дека САД продолжуваат да бидат наш искрен и верен сојузник и партнер во развојот на одбраната, се наведува во соопштението од Министерството за одбрана.

You must be logged in to post a comment Login