Интернационалните гости од ,,Илинденски денови” во посета на Општина Битола

Градоначалничката на Општина Битола Наташа Петровска беше домаќин на средбата со претставниците од интернационалните групи, кои годинава се дел од 51-то издание на фестивалот на народни песни и игри „Илинденски денови“. Во салата на Советот на Општина Битола, своите импресии за фестивалот ги споделија претставниците на Албанија, Грција, Србија, Русија и САД, како и претставниците на организаторот на фестивалот Маја Андоновска Илијевски и Валентин Соклевски.

Петровска на гостите им посака убав престој во Битола и им се заблагодари што во изминатите денови речиси на секое катче од градот ги изведуваа своите музички точки, при тоа дружејќи се и забавувајќи се заедно со бројната публика, која ги следеше на нивните настапи.

Директорката на Центарот за култура Маја Андоновска Илијевски и се заблагодари на Петровска за поддршката која што Општина Битола ја дава за овој фестивал.

Посебно задоволство што годинава се наоѓа на фестивалот искажа Филип Бусон, претседател на Меѓународниот совет на организации на фолклорни фестивали и уметности, ЦИОФФ, која е дел од УНЕСКО. Фестивалот „Илинденски денови“ е единствен во земјава кој е член на ЦИОФФ (CIOFF – International Council of Organizations of Folklore Festivals and Folk Arts).

You must be logged in to post a comment Login