Претседателката на ЕК Фон дер Лајен утре, евркомесарот Вархеји во среда во посета на Македонија

Утре во Скопје пристигнува претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, а ден потоа, во среда и еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји. Помеѓу другото, тема на разговорите со македонскиот државен врв се очекува да биде бугарското вето и отворените билатерални прашања. Аналитичарот Марко Трошановски смета дека зголемениот интерес на Брисел за регионов е се поголемиот песимизам во Македонија дека наскоро ќе ги отпочне преговорите за членство.

-Токму тој вакум и недостаток на доверба и намален кредибилитет на ЕУ во земјава, овие посети се обидуваат да го намалат. Од друга страна со словенечкото претседателство и Самитот на Западен Балкан се полагаат надежи дека може да има некој напредок, иако според мене нема да се случи никакво спектакуларно откочување на блокадата во евроинтеграцискиот процес, вели Трошановски.

Вархеји минатата недела беше во Софија каде се сретна со шефот на дипломатијата Светлан Стоев и претседателот Румен Радев кои порачаа дека Бугарија ја поддржува интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ, но од Македонија очекува политичка волја за надминување на разликите. Токму поради непроменетиот став на официјална Софија, Трошановски не очекува поголем исчекор, се додека не поминат тамошните избори.

-Проблемот е што ние реално немаме многу простор за отстапки согласно позициите на земјата. Мојот став е дека мораме да ги водиме преговорите на реципрочна основа а не од позиција на симетрична моќ, бидејќи веќе и немаме што многу да изгубиме освен нашето достоинство и главната причина за постоење на државата. Затоа мислам дека во блиска иднина тешко дека ќе имаме некаков пробив, вели Трошановски.

Фон дер Лајен, според најавата, ќе биде пречекана од премиерто Заев, со кого ќе го посетат реновираниот МКЦ, а таму ќе одржат и прес-конференција.. Потоа, таа ќе има работна вечера со претседателот Пендаровски. Посетата на Лајен е во рамки на турнејата на сите земји од Западен Балкан, во пресрет на Самитот за регионт што на почеокот од окотмрви ќе се одржи во Словенија.

You must be logged in to post a comment Login