Рокот за амандманите за законот за ЈО до пладне

Политичките партии кои имаат забелешки на Предлог законот за јавно обвинителство до денес напладне треба да поднесат амадмани по што најверојатно во понеделник ќе се одржи нова средба во поширок состав на која ќе се разговара за тоа кои амандмани се прифатливи.

Министерката за правда Рената Дескоска вчера по средбата на работните групи на политичките партии кои речиси два часа разговараа во Собранието рече дека дел од партиите уште на средбата доставиле амадмани а дел најавиле дека тоа ќе го сторат денеска додека ВМРО ДПМНЕ доставиле забелешки кои експертите ги изнеле на јавната расправа што беше организирана за предлог законското решение.

Дескоска е оптимист дека тоа што го виделе низ поднесените амандмани од пратеничките групи кои сакаат да влезат во процесот за носење на законот вели дека е охрабрена и оти смета дека ќе има приближување на ставовите.

За ВМРО ДПМНЕ кои доставиле забелешки од експертите Дескоска рече дека побарано од нив е да подготват амадмани исто како и другите политички партии и да ги достават до денеска до 12 часот.

Од ВМРО ДПМНЕ пак го повикаа Министерството за правда да организира средба со правните експерти кои дале забелешки на јавната расправа и заедно со нив да направат амандмани на предлог законот.

Доколку Министерството за правда има политичка волја оваа тема помалку да се политизира би било добро Министерство за правда како надлежна институција да ги повика овие експерти и со нив врз основа на нивните јавно искажани забелешки кои не се политички туку стручни да изготват амадмани кои ќе наидат на пошироко одобрување и поголем консензус за овој закон.

Ако одиме на политизирање на самите амадмани шансите за консензус ќе бидат помали. – рече пратеникот Антонијо Милошоски додавајќи дека остануваат отворени за нови средби.

ДУИ излезе со оценка дека средбата била конструктивна но забелешки имаа бидејќи во текстот на законот не се вметнати 10-те амадмани од Комисијата за европски прашања.

Претседателот на СДСМ Зоран Заев за медиумите по средбите со граѓани во Тетов опорача дека е добро за државата сега пред избори да се донесе законот за јавно обвинителство.

Изрази надеж дека Владата ќе го усвои на наредната седница за да може до распуштање на Парламентот да се најде на пленарна седница.

Заев вели дека тоа ќе биде дополнителна причина и мотивација за земјите членки да донесат позитивна одлука во времето кога ќе одлучат за датумот за проширувањето и оти тоа е сериозен државнички порив што го очекува од сите пратеници.

You must be logged in to post a comment Login

ОСТАВЕТЕ КОМЕНТАР