Велес после 20 години пак со кино

По речиси две децении велешани повторно ќе добијат кино со најсофистицирана опрема за прикажување дигитално кино а ќе биде сместено во салата “Бели мугри” на локалната библиотека односно во склоп на Младинскиот креативен центар кој тука ќе профинкционира до крајот на февруари или почетокот на март.

Како што најави градоначалникот Аце Коцевски покрај техничката опрема во рамки на проектот сцената во салата ќе биде соодветно прилагодена за потребите на киноприкажување и за други мултимедијални настани.

Ова е приоритетен проект од областа на културата во 2020 година и еден од најзначајните во изминатите децении кој Велес ќе го вброи во водечките културни центри во државата. – истакна Коцевски.

Тој најави проектот да биде завршен во најкраток можен рок со цел велешани што побргу да имаат можност да ги следат домашните и странските филмски остварувања во соодветни услови и современа технологија.

Инаку велешкото градско кино сместено во зградата на синдикатот во центарот на градот не работи скоро дваесет години. Во меѓувреме, од 2013 година проекции на филмови  имаше во салата на театарот со  дигитален кинопроектор обезбеден од Министерството за култура.

Последниве две години поради прегорена ламба на кинопроекторот и негово нефункционирање граѓаните на Велес за жал немаат можност  да следат никакви  кинопроекции на големото платно.

You must be logged in to post a comment Login

ОСТАВЕТЕ КОМЕНТАР