Нова средба за законот за ЈО

Нова средба во поширок формат ќе се одржи денес за надминување на разликите околу законот за Јавно обвинителство. Според најавите, првин ќе се одржат поединечни средби а по нив и заедничка средба на работната група составена од претставници на парламенарните партии и експерти во обид да се усогласи верзија на предлог закон која подоцна ќе се поднесе во Собранието.

По средбата на работната група  во петокот завчера некои пратенички групи доставиле амандмани за законот за јавно обвинителство а некои замолиле за дополнително време за да ги формулираат заради обврските што ги имаа со Жан Моне дијалогот. Заради доверба на процесот од Министерството за правда рекоа дека нема да откриваат кои пратенички групи доставиле амандмани.

Опозициската ВМРО ДПМНЕ не отстапува од барањата за законот за ЈО откако во петокот го повикаа Министерството за правда да организира средба со правните експерти кои дале забелешки на јавната расправа и заедно со нив да направат амандмани на предлог законот.

И министерката Рената Дескоска му порача на ВМРО ДПМНЕ дека ако мислат дека има потреба од измени на текстот на законот да се посветат на подготовка на амандмани. Само така вели ќе покажат дека се подготвени да ги стават интересите на евроинтеграцијата пред личните интереси на обвинетите и осомничените криминалци од нивните редови.

На петочната – втора средба на работната група во поширок формат со претставници на политичките партии и пратеничките групи од Собранието се разговараше за амандманите за подобрување на законскиот текст по дводневната експертска јавна расправа за законот.

Останува отворено прашањето дали партиите ќе успеат да ги усогласат ставовите за да може Парламентот да го донесе законот до распуштањето на Собранието. Според претседателот на Парламентот Талат Џафери има деловничка можност Предлог законот да биде веднаш ставен на собраниска седница доколку текстот биде усогласен.

На неопходноста од донесување на законот за ЈО изминатите денови укажуваа и внатрешните политички фактори но и меѓународната заедница.

You must be logged in to post a comment Login

ОСТАВЕТЕ КОМЕНТАР