Синклер е рекордерка со 185 репрезентативни гола

Кристин Синклер постигна два гола на фудбалскиот меч Канада – Сент Китс и Невис 11 – 0 на квалификацискиот КОНКАКАФ турнир за настап на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио со што стана рекордерка според бројот на постигнати репрезентативни погодоци 185.

Со тоа Синклер која по 290-ти пат настапи во дресот на Канада ја мина Американката Еби Вамбак која беше рекордерка со 184 гола. Кај мажите рекордер со 109 гола на 149 меѓународни настапи е Иранецот Али Даeи.

Синклер која беше заменета во 47 минута дебитира за Канада во 2000-та на 16-годишна возраст. Сега на 36 години таа игра за Портланд торнс во Националната женска фудбалска лига на САД.

Дефинитивно чувствувам олеснување но на турнирот во кој сме во моментов имаме и други работи на кои треба да се фокусираме. Убаво е што победивме на воведниот натпревар сега треба продолжиме така и да сe квалификуваме за олимпискиот турнир. – изјави Синклер по мечот која ја предводеше Канада до освојување два бронзени медала на ЛОИ 2012 и 2016 во Лондон и во Рио.

Честитки до Синклер преку Инстаграм испрати Вамбак.

Вечерва го прославувам соборувањето на рекордот. Тоа наследство на нашата прекрасна игра и припаѓа на големата Кристин Синклер рекордерката со најмногу интернационални голови и во машка и во женска конкуренција. Кристин историјата е направена. Твојот успех е и наш триумф. Ние славиме со тебе. – напиша Вамбак.

Канадскиот премиер Џастин Трудо и го честита успехот на Синклер преку Твитер. “Таа го стори тоа! Кристин Синклер сега е водечки стрелец во репрезентативниот фудбал. Честитки!” На честитките им се придружи и првиот човек на Светската фудбалска асоцијација (ФИФА) Џани Инфантино.

Ова достигнување е награда за вашата извонредна 20-годишна кариера на највисоко ниво што можеше да се постигне само благодарение на вашата огромна посветеност – мотивација – напорна работа и неверојатна страст за нашата прекрасна игра. Вашите човечки квалитети и вештини – да не го спомнувам вашиот извонреден придонес за популаризацијата на женскиот фудбал – заслужуваат восхит. – напиша Инфантино.

Подвигот на Синклер меѓу другите го поздравија поранешната НБА ѕвезда нејзиниот сонародник Стив Неш како и тениската легенда Американката Били Џин Кинг.

You must be logged in to post a comment Login

ОСТАВЕТЕ КОМЕНТАР