Годишна програма за инвестиции во културата

По добиена согласност од Владата Министерството за култура денес ја објави Годишната програма за инвестиции во културата.

Програмата ќе се реализира со вкупно 209 милиони и 500 илјади денари сретства од буџетот за 2020 година. Таа опфаќа 12 проекти за изградба на нови објекти и за реконструкција – санација и адаптација на постојните што ги користат националните установи во културата.

Според програмата за инвестиции во културата во Тетово ќе се гради нов објект со намена за театар и библиотека. За тоа се планирани 120 милиони денари а носител на активноста е Центарот за култура “Иљо Антески Смок”. За изградба на театарот во Струмица се планирани 51 милион денари а активноста ќе оди преку Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј од Струмица.

Издвоени се средства во висина од 3 милиони денари за обезбедување проектна документација за реконструкција на објектот на Центарот за култура “Антон Панов” од Струмица. Носител на активностите за обезбедување на документацијата е Министерството за култура кое се јавува во тоа својство и за изведување на завршните работи на театарот во Велес за што се планирани 3 милиони денари.

За изведба на дополнителните системи за ладење во техничките простории на Македонската филхармонија 3 милиони денари – за реконструкција на зградата на театарот при ЦК “Трајко Прокопиев” Куманово 5 милиони денари и за реконструкција на објектот на ЦК “АСМОН” во Гостивар сo планирани 10 милиони денари.

Ресорното министерство исто така е носител на активностите за обезбедување проектна документација за реконструкција на објектот на Музејот на Македонија. За таа цел се планирани 3 милиони денари од буџетот. Иста сума е предвидена и за обезбедување проектна документација за реконструкција на театарот при ЦК “Марко Цепенков” од Прилеп а за изработка на проектна документација за реконструкција на објектот Мала станица при Националната галерија на Македонија се предвидени 6 милиони денари.

Со 500 илјади денари ќе се реконструира кровот на објектот посветен на Разловечкото востание во село Разловци кој работи при ЦК “Никола Јонков Вапцаров” од Делчево а во ЦК “Кочо Рацин” во Кичево со 2 милиони денари ќе се адаптира дел од просторот во галерија.

You must be logged in to post a comment Login

ОСТАВЕТЕ КОМЕНТАР