Борел денес во Косово

Високиот претставник на Европската унија за надворешна и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија Жозеп Борел ќе допатува денес во Косово каде што со домаќините ќе разговара за дијалогот со Србија и нормализацијата на односите меѓу Приштина и Белград.

Според програмата на посетата Борел во 13 часот ќе биде примен од претседателот на Косово Хашим Тачи во неговиот кабинет а потоа во Собранието на Косово ќе се сретне со лидери на политичките партии.

Со нетрпение ја чекам мојата прва официјална посета на Западен Балкан што говори за нашата посветеност на европската перспектива на регионот – неговата стабилност – безбедност и просперитет.

Ќе биде приоритет за време на мојот мандат и имајќи ја предвид мојата лична решеност за унапредување на дијалогот со посредство на ЕУ – сакав првин да ги посетам Косово и Србија во регионот. Ни претстои многу значајна работа, вклучително нормализацијата на односите меѓу Белград и Приштина. – изјави Борел.

Во агендата на шефот на европската дипломатија не е предвидена средба со премиерот Рамуш Харадинај или со други претставници на косовската Влада во оставка.

Попладне Борел ќе отпатува за Призрен каде што ќе се сретне со градоначалникот Митахер Хаскука и претставници на малцинските етнички заедници.

По Приштина шпанскиот дипломат ќе отпатува за Белград каде што ќе се сретне со српскиот претседател Александар Вучиќ и други државни и политички претставници. Во пресрет на оваа посета Борел изјави дека ЕУ ја очекува многу работа за да се дојде до нормализација на односите меѓу Белград и Приштина.

You must be logged in to post a comment Login

ОСТАВЕТЕ КОМЕНТАР