Истекува рокот за забелешки за Законот за ЈО

Денес истекува последниот рок за усогласување на забелешките на помалите политички партии со најновиот – трет текст на законот за Јавно обвинителство по кој Владата ќе го испрати предлог законот во Собранието кој треба да се изгласа со двотретинско мнозинство од 80 пратеници кои според претседателот на СДСМ Зоран Заев се уште не се обезбедени.

Заев на Владата и сугерирал наместо во вторник точката од дневниот ред за усвојување на текстот на законот за ЈО да се одложи за денеска за да се дочекаат и да се затворат предлозите и за да останат неколку денови за Собранието да го усвои пред најавеното распуштање.

Според него албанските опозициски партии и Независната пратеничка група на ВМРО ДПМНЕ за време на преговорите што се водеа во Министерството за правда доставиле интересни предлози од кои дел се прифатливи а дел неприфатливи – но тој не ја исклучува можноста и од ВМРО ДПМНЕ во последен момент да достават амандмани.

Од ВМРО ДПМНЕ остануваат на ставот дека нема да гласаат за овој закон а ќе го поддржат секој предлог закон што ќе дојде од експерти по уставно и кривично право. За Заев ова е несериозен предлог, бидејќи и актуелните законски предлози ги изработувале експерти а нов текст би се чекал до октомври или ноември оваа година што е несериозно особено што сега пред изборите земјата треба да испрати сериозен сигнал до ЕУ дека прави се за да ги спроведе реформите.

Предлози за законот за Јавно обвинителство доставија сите што учествуваат во работните групи. Амандманите што се разгледуваат и оние од независните пратенички групи верувам ќе бидат обелоденети. Направија состојба да ја стават Владата во сериозно размислување за да види што е она што може да го прифати а да не се поминат црвените линии на ЕУ заради европската регулатива што сакаме да ја преточиме во законот. – истакна Заев и додаде дека за законот ќе биде консултирана и европската делегација во Скопје.

Тој изрази надеж дека до распуштањето на Собранието ќе бидат донесен законот за ЈО како и законот за одбрана и Протоколот за НАТО.

Претседателот на Собранието Талат Џафери вели дека има можности да се донесе законот до 12 февруари ако се постигне договор. Тој потсетува дека се уште не е завршена 108-мата собраниска седница од 27 август 2019 година на чиј дневен ред остана претходната втора верзија на законот за ЈО. За тој предлог беа поднесени 50-ина амандмани а десетина амандмани беа усогласени во Комисијата за европски прашања.

Ако го усогласат тој текст таа седница може да продолжи. Но ако достават и нов предлог не е спорно веднаш да свикам нова седница бидејќи ние сме во постојано заседание и кога станува збор за итни потреби ќе биде пуштен по скратена постапка. – вели Џафери.

You must be logged in to post a comment Login

ОСТАВЕТЕ КОМЕНТАР