Хрватска ќе ги поддржи Скопје и Тирана во март да започнат со преговорите

Главни цели на Хрватска се обезбедување поддршка за донесување одлука за отворање на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија во март и одржување успешен Самит во Загреб, изјави хрватскиот министер за надворешни и европски работи Гордан Грлиќ Радман, чија земја е актуелен претседавач со ЕУ, по завршувањето на денешната конференција во Солун насловена „Од Солун до Загреб“.

„ЕУ останува посветена на своето најблиско соседство“, додаде Грлиќ Радман, потенцирајќи дека европската перспектива на земјите од Западен Балкан им беше ветена пред 17 години во Солун и дека сега е време ЕУ да го исполни тоа ветување, доколку државите кандидати ги исполнат поставените критериуми.

Грчкиот министер за надворешни работи Никос Дендиас пак, истакна дека на денешната конференција имало плодна дебата за членство во ЕУ на земјите од Западен Балкан, при што од сите учесници е изразена поддршка за европската перспектива на балканските држави.

„Иднината на Западен Балкан е во ЕУ“, изјави Дендиас, потенцирајќи дека „зачленувањето на земјите од регионот во Унијате е стратешка инвестиција во обединета, силна и стабилна Европа“.

На новинарско прашање дали на следниот Самит на ЕУ би можело да дојде до раздвојување на пристапните процеси за Северна Македонија и Албанија, имајќи предвид дека земјава е понапред од Тирана во исполнувањето на критериумите, двајцата министри нагласија дека остануваат посветени на заложбата двете држави да добијат датум за старт на преговорите за членство.

Запрашан дали балканските земји членки на ЕУ планираат некоја нова иницијатива, доколку Европскиот совет повторно не донесе позитивна одлука за старт на преговорите со Северна Македонија и Албанија, Грлиќ Радман истакна дека очекува позитивен заклучок за ова прашање од лидерите на Унијата, бидејќи тоа е во интерес на само на овие две земји и на регионот, тука и на цела ЕУ.

You must be logged in to post a comment Login

ОСТАВЕТЕ КОМЕНТАР