Војската изведе пуч во Мјанмар, уапсена премиерката

Војската на Мјанмар изврши државен удар, ја уапси шефицата на цивилната влада Аунг Сан Су Кји, постави генерал за привремен претседател и прогласи вонредна состојба за една година, пренесоа агенциите утрово.

Оваа одлука е неопходна за зачувување на „стабилноста“ на државата, рекоа воените претставници на својот телевизиски канал НАМЕ.

Тие ја обвинуваат изборната комисија за неуспех во решавањето на „огромните нерегуларности“ за кои велат дека се случиле за време на парламентарните избори во ноември.

На изборите победи Националната лига за демократија, која е на власт од 2015 година.

Војската го презеде градското собрание во Јангон, кое е економски центар во земјата, пренесе агенцијата Франс прес.

Неколку часа претходно беа уапсени шефицата на цивилната влада Аунг Сан Су Кји, функција еквивалентна на премиерската, и претседателот на Мјанмар, Вин Мјинт.

„Слушнавме дека тие биле приведени во Непјидо“, главниот град на Мјанмар, рече портпаролот на Националната лига за демократија, додавајќи дека се уапсени уште неколку официјални лица.

Аунг Сан Су Кји, која беше уапсена денес, го повика населението да не го „прифаќа“ воениот удар, стои во писмото објавено на социјалните мрежи од нејзината партија.

Во земјата кружеа гласини за државен удар и де факто цивилната премиерка Аунг Сан Су Кји „му ја упати оваа порака на народот“, рече Вин Хтеин, претседател на Националната лига за демократија, на Фејсбук.

Аунг Сан Су Кји и претседателот на Мјанмар Вин Мјинт беа уапсени во главниот град Непјидо.

You must be logged in to post a comment Login

ОСТАВЕТЕ КОМЕНТАР