МНР за случајот со Васко Грков за Белград: Ќе има нова распределба на амбасадорски места

Министерството за надворешни работи на 29 јануари побара од Собранието да се прекине постапката за именување на Васко Грков за амбасадор во Белград, Србија и тврди дека се работи за нова распределба на позициите за амбасадори.

„Министерството за надворешни работи е во фаза на нова распределба на позициите за амбасадори, и затоа се очекува да има нови решенија во неколку амбасади.

Прераспределбата се реализира врз основа на нови проценки на Владата на Република Северна Македонија и на реалните потреби и состојби“.

МНР во писмото до Собранието побара „претставувањето на платформата за дипломатските активности на вонредниот и ополномоштен амбасадор на Република северна Македонија во Белград да биде повлечено од дневниот ред на Комисијата за надворешна политика“.

Од МНР не прецизираат зошто се запира постапката за Грков сега, бидејќи веќе имал добиено агреман и реферирањето во собраниската Комисија е последната фаза по што треба да замине на амбасадорската функција откако ќе добие указ од претседателот и решение за упатување од министерот за надворешни работи.

Грков, кој беше в.д. амбасадор во Белград, според неофицијалните информации бил „компромитиран“ без да се прецизира дали се работи за безбедносни причини.

Пред собраниската Комисија за надворешна политика денеска своите платформи за дипломатските активности пред заминувањето во дипломатските мисии ќе ги презентираат Лидија Бошковска, којашто е предложена за нов вонреден и ополномоштен амбасадор во Грција, Сашко Тодоровски за Чешка, Горан Цеков за Јапонија, Светлана Гелева која е предложена за амбасадор и постојан претставник при Советот на Европа во Стразбур, Билјана Стефановска Сековска за Канбера, Австралија, Бети Јачева за Кралството Холандија и Драган Јордановски кој ќе биде македонски амбасадор во Естонија.

You must be logged in to post a comment Login

ОСТАВЕТЕ КОМЕНТАР