Спасовски учествуваше на Петтиот состанок на Управниот одбор – ИИСГ

„Пред речиси две години ние, министрите за внатрешни работи и безбедност од регионот на Западен Балкан, го одобривме процесот на рефлексија на оваа Иницијатива.

Се согласивме дека ИИСГ претставува пристап на политичко ниво, воспоставен да го канализира развојот на внатрешната безбедност на еден функционално интегриран начин, кој не само што ќе ги координира напорите, па ако сакате, и инвестициите на надворешната помош и помошта на ЕУ, туку ќе ги интегрира и релевантните регионални или други инструменти и алатки за да се подобри нивната функционалност и долгорочна стабилност”, истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на Петтиот состанок на Управниот одбор на Иницијативата за интегрирано управување со внатрешната безбедност – ИИСГ, на кој учествуваше и како ресорен министер, и во улога на член на Одборот на ИИЦГ.

На овој онлајн состанок зема учество и државната секретарка на Министерството за внатрешни работи, м-р Магделана Несторовска.

Министерот Спасовски потсети дека пред нешто повеќе од една година беа одобрени новите Проектни задачи, со кои беше обезбеден заеднички пристап на Групата за поддршка на ИИСГ, утврден како содејство, а не само како соработка со претставниците од Западен Балкан и оваа група покажа дека нуди одржлива улога и континуитет на самата Инцијатива, како и неминовно зголемен учинок во координирањето на активностите на сите инволвирани страни во регионов во областа на безбедноста.

Додека денеска, учесниците на состанокот дискутираа за усвојување на методологијата за приклучување на нови членови кон Иницијативата и методологијата за изготвување на документот за мапирање на потреби, како и на Годишниот план за работа на Секретаријатот  на ИИСГ.


„Дозволете ми директно и експлицитно да ја изразам мојата силна поддршка и верба во овој процес на координирано дејствување на регионално ниво, и меѓу нас земјите од Западен Балкан, и во соработка и заедничко делување со присутниот меѓународен фактор. Мојата поддршка во ниеден момент и не изостана – убеден во моќта на заедничките напори и посветеноста во работата, како и испорака на вистински опипливи резултати. Борбата против организираниот криминал, тероризмот, заштитата на границите се основни постулати за осигурување на безбедноста на граѓаните.

Тие се и основна цел на Министерствата кои ги предводиме и еден од најважните критериуми за европска интеграција на регионот”, рече министерот Спасовски.

Министерот Спасовски укажа дека вистинскиот ефект на овој процес ќе се увиди откако ќе се подготват документите за мапирање на потреби и за мапирање на одговорот на тие потреби, откако ќе биде воспоставена и базата на податоци и ќе се добие ажурирана слика за тоа што е потребно, што е веќе преземено за задоволување на тие потреби и што допрва треба да се направи.


„Во оваа смисла, малку посликовито би додал дека според мене, Групата за поддршка, односно експертите од нашите министерства, заедно со Секретаријатот на ИИСГ ја претставуваат левата страна од равенството наречено интегрирана безбедност. Донесените одлуки од наша страна, како министри за внатрешни работи и безбедност од регионот, заедно со Европската комисија се десната страна на тоа равенство.

Меѓусебе, со заедничка координација и соработка,  постојано ќе ја одржуваме таа рамнотежа и знакот за еднакво помеѓу двете страни на равенството”, истакна Спасовски, додавајќи дека Иницијативата за интегрирано управување со внатрешната безбедност стана препознатлива како фактор на регионална перспектива за постигнување на оптимална искористеност на постоечките капацитети за регионална соработка, на постојните механизми за соработка меѓу ЕУ и Западен Балкан, но и за достигнување на вистинска регионална сопственост.

You must be logged in to post a comment Login

ОСТАВЕТЕ КОМЕНТАР