ЕУ го предупреди Косово да не отвора амбасада во Ерусалим

ЕУ вчера го предупреди Косово да не ја отвора својата амбасада во Израел во Ерусалим.

ЕУ го замолила Косово да не отвора амбасада во Ерусалим и да застане на ставот на ЕУ и Резолуцијата 478 на Советот за безбедност на ОН, според која странските амбасади во Израел треба да бидат сместени во Тел Авив.

„ Позицијата на ЕУ за преместување на амбасадите во Ерусалим е јасна. Сите амбасади на земјите-членки на ЕУ како и Делегацијата на ЕУ во Израел, се наоѓаат во Тел Авив. ЕУ долго време тврди дека статусот на Ерусалим треба да се реши преку директни преговори меѓу Израел и Палестина“ изјави портпаролот на ЕУ, Питер Стано.

Тој наведе дека ЕУ е за дводржавно решение во однос на прашањето Израел – Палестина и рече дека ја прифаќаат идејата Ерусалим да биде идната престолнина на двете земји со решението што ќе се донесе.

„ Затоа жалиме за одлуката на Косово. Стратешкиот приоритет на Косово е интеграција со ЕУ и се очекува да дејствува во согласност со своите заложби“, нагласи Стано.

Тој посочи дека ако отстапи од овој договор, Косово ќе го поткопа својот пат кон интеграција во ЕУ.

„ Косово ја идентификуваше интеграцијата во ЕУ како свој стратешки приоритет. ЕУ очекува Косово да постапи во согласност со оваа заложба за да не биде нарушена неговата европска перспектива“, рече тој.

Во понеделникот, Косово и Израел одржаа виртуелен состанок за воспоставување дипломатски врски.

„ Признавањето од Израел е едно од најголемите достигнувања за Косово, кое доаѓа во клучен момент за нас, благодарение на САД, нашиот заеднички и вечен сојузник“, рече косовската министерка за надворешни работи, Мелиза Харадинај-Штубла.

Лидерите на Србија и Косово, кои се сретнаа во Белата куќа во септември 2020 година, потпишаа договор за нормализација на односите во областа на економијата. Со овој договор беше одлучено Косово да започне дипломатски односи со Израел, а Србија да ја премести во Ерусалим својата амбасада во Израел.

You must be logged in to post a comment Login

ОСТАВЕТЕ КОМЕНТАР