Италијански специјалитет на македонски начин – Сте пробале ли лазањи со ајвар?

Не постои човек на планетава што не го пробал италијанскиот специјалитет – Лазањи. Некој ги обожава и би сакал да ги конзумира секој ден, додека некој друг помалку ги обожава, но сепак малку по малку тие стануваат дел од трпезата и на секој Македонец. Можете да ги подготвувате по оригиналниот рецепт со мелено месо или пак на вегетаријански начин… како и да е, и двата вида се превкусни, но сте ги пробале ли подготвени на македонски начин со ајвар?

Доколку одговорот е не, тогаш ви го претставуваме рецептот во продолжение и ви препорачуваме да ги направите уште денес:

Состојки: 20 готови кори за лазањи, 800 мл павлака за готвење, 1 поголема главица црвен кромид, 200 г шампињони, 500 г мешано мелено месо, 250 г лупени домати, 150 г домашен ајвар, 350 г кашкавал, оригано, бибер, сол и масло.

Подготовка: 1. Црвениот кромид се чисти и се сечка на коцки, шампињоните се сечкаат на листови. 2. На малку масло се пропржува црвениот кромид, а потоа се додаваат шампињоните и се пржат додека изврие вишокот течност. 3. Се става меленото месо и се пржи, со непрекинато мешање, додека ја промени бојата. 4. Се додаваат мелените лупени домати, а потоа и ајварот, се посолува и забиберува по вкус. Се динста на умерена температури десетина минути.

5. Се намрсува соодветен плех. Се додава малку павлака за готвење и одозгора се распоредува ред кори за лазањи. Се нанесува малку од филот од месо, се посипува со рендан кашкавал и се прелева со павлака. Истата постапка на полнење се повторува додека се потроши материјалот. Се завршува со кори за лазањи, се прелеваат со преостанатата павлака и се посипуваат со рендан кашкавал.

6. Се пече во загреана рерна на 200°Ц, додека омекнат корите.

You must be logged in to post a comment Login

ОСТАВЕТЕ КОМЕНТАР