Димитров останува вицепремиер за европски прашања, Собранието ја отфрли интерпелацијата

Собранието доцна синоќа не ја прифати иницијативата на опозицијата за отповикување од функцијата на вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров.

Расправата траеше 12 часа – „за“ интерпелацијата гласаа 53 пратеници, 55 беа против, а ниту еден воздржан.

Ова беше трета интерпелација за Димитров во изминатите три и пол години. Првите две беа додека тој ја вршеше функцијата Министер за надворешни работи.

Опозицијата го обвинуваше Димитров дека е виновен за манипулацијата на јавноста за добивање на датумот, како и потпишувањето на договорот со Бугарија, поради што сега е блокиран почетокот на преговорите со Унијата. Повторно беа упатени низа обвинувања дека власта преговара за идентитетот и јазикот, што Димитров категорично ги отфрли и порача опозицијата да не го саботира во работата, оти тоа е на штета на државата.

You must be logged in to post a comment Login

ОСТАВЕТЕ КОМЕНТАР