Уапсени 17 лица обвинети за тешки кривични дела, голема полициска акција во Србија

Полициски службеници, инспектори и припадници на безбедоносната служба БИА во Белград денес ги пребаруваат просториите на Фудбалскиот клуб Партизан, по апсењето на Вељко Беливук (Веља Невоља) и Марко Миjковиќ Марет, а во исто време, полицајците се и на стадионот на Црвена звезда, јави дописникот на МИА од Белград.

Министерот за внатрешни работи, Александар Вулин, изјави на прес конференција дека 17 членови на организирана криминална група се уапсени во акцијата на Министерството за внатрешни работи, БИА и Обвинителството за организиран криминал и кажа дека нема да биде дозволено создавањето на нов „Земунски клан “во Србија .

-Уапсени се 17 члена на организирана криминална група предводена од Беливук и Миjковиќ, за кои имаме основано сомнение за убиства, изнуда, киднапирање и трговија со дрога, кажа Вулин.

Криминалната група што беше разбиена утрово е одговорна за низа најмонструозни злосторства, некои можеби и во последните неколку децении.

-Оваа група цело време се криеше зад навивачката група на Партизан, но тие воопшто не се навивачи, туку обични криминалци. Ние ќе ја докажеме индивидуалната улога на секој од нив и нема да толерираме никакви видови на криминал, изјави заменик началникот на Управата за криминалистичка полиција (УКП), Нинослав Цмолиќ

Како што наведуваат медиумите станува збор за една од најсилните организирани криминални групи во регионот, блиска до кавачкиот клан од Црна Гора. Во подземјето, со години се води жесток конфликт меѓу кавачкиот и шкаљарскиот клан, што беше обележано со низа ликвидации во Србија, Црна Гора, Грција и други земји.

You must be logged in to post a comment Login

ОСТАВЕТЕ КОМЕНТАР