Брнабиќ: Србија е на чекор до нормалниот живот, наскоро и четврта вакцина

Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, најави дека во земјата наскоро ќе пристигне уште една, четврта по ред, вакцина против коронавирус. Таа кажа дека за разлика од многу други земји, Србија се наоѓа на чекор до враќање на нормалниот живот.

Таа во емисијата на РТС „Четврток во 9“, рече дека досега за вакцинирање се пријавиле скоро милион граѓани на Србија и очекува таа бројка да биде многу поголема бидејќи, како што вели, очекува добри вести во наредните денови.

„Секој што ќе сака да се вакцинира во Србија, ќе се вакцинира. Очекувам дека наскоро ќе добиеме вакцина од четврт производител. Во следните денови ќе имаме добри вести. Секој ден преговараме и 50 проценти од моето време и времето на претседателот оди за тоа, затоа што тоа е политичка и дипломатска работа“, рече Брнабиќ.

Таа посочи дека Србија е една од петте земји во светот што има најмногу вакцини по глава на жител.

„Досега добивме 1.170.000 и очекуваме наскоро уште неколку стотици илјади. Луѓето не мора да гледаат сè што се случува зад сцената, но ништо не падна од небото, ништо не се случува случајно”, нагласи Брнабиќ.

Таа кажа дека засега нема ублажување на мерките, иако, како што вели, едвај го чека тој ден бидејќи тоа е добро за буџетот и економијата на земјата.

„Нашата цел е да се обидеме да паднеме на под 1.000 заразени лица на ден. Во моментот, процентот на позитивни луѓе во однос на бројот на тестирани лица стагнира, што е лошо од една страна, но исто така добро, бидејќи во последните 10 дена има пад на бројот на хоспитализирани лица во однос на исписи од болниците на оздравени“, објасни премиерката.

Таа вели дека во однос на други земји и како тие живеат далеку од секаква нормалност, на Србија добро ѝ оди.

„Ние се држиме феноменално, на чекор сме до нормалноста и се надевам дека ќе продолжиме да го правиме тоа. Во други земји има полициски час, демонстрации, недостаток на вакцини. Кај нас нема ништо од тоа“, рече Брнабиќ.

Досега во Србија се вакцинирани 526.930 граѓани.

You must be logged in to post a comment Login

ОСТАВЕТЕ КОМЕНТАР