ОН: Потребна е итна хуманитарна помош за два милиона гладни во Нигер

Обединетите нации денеска побараа итна помош од меѓународната заедница за повеќе од два милиона жители на Нигер кои се соочуваат со криза со храна, поплави и насилството на џихадистите во неколку области од земјата.

-Повикот за итно финансирање од 523 милиони американски долари е упатен за да се задоволат хуманитарните потреби на 2,1 милиона лица во Нигер, изјави  Дејвид Карден, еден од раководителите на Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни работи по посетата на Нигер.

„Нигер се соочува со комплексна хуманитарна состојба, одбележана со постојана несигурност и насилство врз цивилите од страна на вооружените групи, ендемската сиромаштија, последиците од климатските промени, вклучувакјќи ги и сезонските поплави и суши”, се наведува во соопштението.

Хуманитарната состојба, наведе ОН, „е дополнително влошена од пандемијата на Ковид-19 што повлекува експоненцијален раст на потребите”.

Агенцијата на ОН прецизира дека 457.200 деца на возраст од шест месеци до пет години се изложени на тешка акутна неисхранетост.

Карден беше во специјална посета на местото Валам, северно од Нијамеј, каде џихадистите на 2 јануари масакрираа 100 цивили во две села.

Југоисточниот дел на Нигер се соочува со напади на џихадисти од Боко Харам, долж границата со Нигерија, додека западниот дел, што граничи со Мали и Буркина Фасо, е поприште на судири меѓу групи поврзани со Исламската држава и Ал Каеда.

Во Нигер, земја која е меѓу најсиромашните во светот,  работат околу 173 хуманитарни организации.

You must be logged in to post a comment Login

ОСТАВЕТЕ КОМЕНТАР