Трет ден над илјада новозаразени во Грција, можни дополнителни мерки за Солун и Атина

Воведување полициски час од 18 наместо од 21 часот за викендите во Атина и префрлање на Солун во црвената зона со построги рестрикции се дел од мерките што се споменуваат во Грција, а би можеле да се воведат од утре, доколку ваква препорака донесе Комисијата на епидемиолози на денешниот состанок, јави дописничката на МИА од Атина.

Конечните одлуки за евентуални нови мерки, како и секој петок, ќе бидат попладнево соопштени од заменик-министерот за цивилна заштита на Грција Никос Хардаљас на редовната прес конференција во Министерството за здравство.

На вчерашниот редовен брифинг со новинарите, портпаролот на грчката Влада Христо Тарандилис рече дека Комисијата на епидемиолози откако ќе ги анализира податоците, ќе достави препорака до Владата, која во продолжение, врз основа на препораките, ќе донесе одлуки.

Во Грција веќе трет ден по ред се регистрирани над илјада дневни нови случаи на Ковид-19, од кои половина се во главниот град, а вчера имаше зголемување и на хоспитализираните пациенти на Одделите за интензивна нега кои се приклучени на апарати.

Националната организација за јавно здравје на Грција, во вторникот соопшти 1.261 нов случај, што беше и првпат четири цифрен број новозаразени на дневно ниво по пауза од над еден месец. Завчера имаше 1.151, а вчера 1.070 нови случаи.

Од овие 3.482 новозаразени за три дена, 1.797 се во областа Атика, поширокиот регион на Атина.

Грција од саботата е поделена на две Ковид зони: жолта -под надзор и црвена- зголемена опасност.

Во црвената зона, поради зголемениот број новозаразени, е и Атина, а малопродажбата работи само со услугата „click away”, односно подигнување на претходно направена порачка и услугата „click inside “, посета на продавница по закажан термин и само за продавниците за облека, обувки и книжарите.

Не е исклучена можноста и во однос на овој дел, денеска да бидат соопштени некои промени.

Поголемиот дел од Грција е во првата група, каде што продавниците работат регуларно, а полицискиот час е од 21 часот, за разлика од црвената, со исклучок на Атина, каде што почнува три часа порано.

Полицискиот час, ограничување на движењето со задолжителното испраќање смс пораки со една од шесте опции, задолжителна употреба на маска, забрана за движење меѓу региони, се мерките кои и понатаму важат во цела Грција, како и одлуките што се однесуваат на онлајн предавањата за студентите,

редовна настава во основните училишта, регуларната работа на градинките, работа од дома или на смени во јавниот и приватниот сектор (доколку е можно), а фризерските и козметички салони, берберниците, центрите за регистрација на возила, работат со претходно закажан термин.

Во понеделникот беа отворени и средните училишта, со исклучок на црвената зона, каде што во училишните клупи се вратија само учениците од 12 до 15 години, а „постарите” средношколци продолжуваат со онлајн настава.

Грција од 7 ноември 2020 година е во карантин, шест дена подоцна беше воведен полициски час, а постепеното олабавување на мерките започна со отворањето на основните училишта и градинките на 11 јануари, една седмица подоцна следеа и продавниците, моловите, трговските центри, фризерските и козметичките салони, а од минатата седмица одново се воведоа рестрикции во црвените зони.

Од почетокот на епидемијата, во Грција се регистрирани вкупно 160.935 случаи на Ковид-19, од кои 205 се од британскиот вид, еден од јужноафриканскиот, а почина вкупно 5.903 лица

You must be logged in to post a comment Login

ОСТАВЕТЕ КОМЕНТАР