Владата донесе Одлука за набавка на 200.000 дози на кинеската вакцина од Синофарм


Имунизацијата е најсилното оружје во борбата со вирусот. Но и натаму треба да се почитуваат другите јавно здравствени мерки од страна на сите граѓани .

Владата донесе одлука за набавка на 200.000 дози на кинеската вакцина од Синофарм. Министерството за здравство во понеделник ќе го потпише договорот и реализира плаќањето. Очекуваме испорака на вакцините во најкус можен рок.

Согласно овие колични кои се значително повеќе од првичните предвидени, ревидиран е Националниот оперативен план за вакцинација кој тековно ќе се ажурира.

Согласно планот во првата фаза се вакцинираат: здравствени работници кои директно работат со ковид пациенти и од службите за итни состојби, од клиничките болници, јавни и приватни, од посебните институциите како домовите за стари лица, домови за лица со посебни потреби, матични лекари и друг здравствен персонал вработен во матичните ординации, вработени во лаборатории за тестирање и дијагностика, јавни и приватни, здравствените работници, кои ќе ја спроведуваат вакцинацијата.

Во првата фаза, можност за вакцинација добиваат и сите граѓани над 70 години.

Во втората фаза, се вакцинираат: лица над 65 години, лица од 18 до 64 години со коморбидитети, здравствени работници ИЈЗ и ЦЈЗ, фармацевти, стоматолози и друг здравствен пероснал, вработени во витални институции како полиција, војска, парламент, Влада, во образовни институции и градинки со предност на оние кои одат со физички присуство на работа

И во третата фаза се вакцинираат сите преостанати лица од повеќе групи: вработени во други важни дејности, како прехрана, транспорт, производство на лекови, комунална хигиена, банкарство, земјоделие, образование, здравство со низок ризик на зараза и сите други граѓани кои сакаат да примаат вакцина на возраст од 18 до 64 години.

Дневно е предвидено да се вакцинираат од 2000 до 2500 граѓани преку постоечката здравствена мрежа и вакциналните пунктови. Со оваа количина во која имаме две дози за вакцина и ревакцина ќе се вакцинираат 100.000 граѓани.

За лицата над 70 години, матичните лекари ќе добијат список од системот Мој Термин со податоци за нивни пациенти од оваа категорија, по што телефонски поединечно ќе ги контактираат и доколку сакаат да се вакцинираат ќе им биде закажан термин за вакцинација.

Следната недела ќе биде готова он-лајн апликација преку која ќе се врши закажување за вакцинација. Сите граѓани кои сакаат да се вакцинираат ќе може да се пријават преку истата, по што системот Мој Термин ќе испорача точен термин за вакцинација.

За секој граѓанин веднаш по апликација на првата доза, ќе биде резервирана и втората што треба да ја прими. Вакцинираните граѓани ќе добијат соодветен сертификат за примената вакцина.

Вакцинацијата во оваа фаза е наменета за групите граѓани кои се јасно дефинирани во планот. Апелирам граѓаните во ризичните групи да се вакцинираат во што поголем број како би се заштитле од ризик.

Имунизацијата е најсилното оружје во борбата со вирусот. Но и натаму треба да се почитуваат другите јавно здравствени мерки од страна на сите граѓани – носење на заштитна маска, одржување на физичка дистанца и хигиена, кои заедно со вакцинацијата ќе овозможат најдобра заштита од COVID19 и сузбивање на пандемијата.

-Истакна министерот за здравство Венко Филипче.

You must be logged in to post a comment Login

ОСТАВЕТЕ КОМЕНТАР