Бектеши во Анкара: По 20 години ќе се ревидира и надгради Договорот за слободна трговија со Турција

Министерот за економија Крешник Бектеши денеска во Анкара, оствари средба со Рухсар Пекчан, министерката за трговија на Република Турција.

Како што информираат од ресорното министерство, главна тема на средбата помеѓу двајцата министри била заедничката определба и интересот од потребата за ревидирање, односно модернизирање и надградба на билатералниот Договор за слободна трговија кој е во примена веќе 20 години.

Бектеши и Пекчан заеднички се согласиле ревидирањето на Договорот за слободна трговија меѓу двете земји да се одвива во три правци заради транспаретност на процедурите на одредени сектори.

Македонскиот министер потенцирал дека експертите веќе започнале со работа за одредена либерализација на земјоделско-прехранбениот сектор.

„Резултатите од работата на експертите, ние двајцата министри ќе ја верификуваме во рамки на Мешовитиот Комитет кој е задолжен да се грижи за непречена имплементација на Договорот за слободна трговија“, кажал Бектеши на средбата.

Според статистичките податоци, Турција во последните три години е рангирана на 8-то место на листата на земји со кои Северна Македонија остварува најголем обем на трговска размена.

За 11 месеци во 2020 година, вкупната билатерална трговска размена е 477,3 милиони долари, од кои извозот од Северна Македонија е 85 милиони долари, а увозот од Турција е 392,3 милиони долари.

You must be logged in to post a comment Login

ОСТАВЕТЕ КОМЕНТАР