Грција се договори со Израел за слободно патување на вакцинираните туристи

Израел и Грција се согласија дека нивните граѓани кои примиле вакцина против коронавирус ќе можат слободно да патуваат во двете земји.

„Треба да им го олесниме патувањето на оние кои имаат доказ за вакцинација и имаме намера да го сториме тоа со Израел, кој е далеку пред нас во однос на вакцинацијата“, рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во заедничката изјава со израелскиот колега Бенјамин Нетанјаху.

Договорот ќе им овозможи на израелските туристи „да патуваат во Грција без никакви ограничувања и без карантин“, додаде Нетанјаху.

Израел во неделата започна да излегува од третиот карантин што го воведе во декември, но не ги укина ограничувањата на меѓународните летови што биле прекинати до 20 февруари.

„Зелениот пасош“ ќе биде воведен „кога ќе бидат укинати ограничувањата за патување“, рече израелскиот премиер.

Веднаш по заедничката изјава министрите за туризам на двете земји потпишале билатерален договор.

You must be logged in to post a comment Login

ОСТАВЕТЕ КОМЕНТАР