Обезбедени 1,5 милион денари за пробивање ридско-планински патишта во кочанскиот регион

За пробивање и расчистување на патиштата во ридско-планинскиот регион што се наоѓаат на оддалеченост до 30 километри од градот, локалната самоуправа на Кочани годинава ќе инвестира околу 1,5 милион денари.

Средствата се наменети за подобрување на проодноста на земјените коловози до оддалечените и тешко пристапни рурални места на територијата на општината, а обезбедени се со Програмата за уредување на просторот во руралните подрачја за 2021 година.

– Висината на планираните средства е на минатогодишното ниво, но годинава е предвидена и ставка за набавка и поставување цевки со пречник од 40 сантиметри, со кои ќе се канализира атмосферската вода. Според предмерот во техничката спецификација, за прочистување се планирани патишта во должина од 30 километри, а уште 100 километри треба да бидат порамнети со машина грејдер. Освен тоа, ќе се набават и распостелат околу 100 кубни метри дробен камен што служи за тампонирање на коловозите, истакна Влатко Димитров, помошник раководител на Секторот за уредување на градежно земјиште.

До крајот на овој месец треба да се избере фирма што ќе ги пробива и прочистува патиштата, а градежните работи ќе се изведуваат сукцесивно во наредните 12 месеци, согласно потребите на терен.

Покрај инвестирањето во патиштата во руралните средини, локалната самоуправа на Кочани обезбеди уште 6,5 милиони денари за реконструкција и асфалтирање на улиците „Ване Грдовјански”, „Никола Парапунов”, „Македонска” и „Кресненско востание”, сите во населбата Усова Чешма.

You must be logged in to post a comment Login

ОСТАВЕТЕ КОМЕНТАР