Ќурчиевски: Ветивме и набавуваме сопствена механизација за потребите на рудниците на РЕК Битола

Директорот на Рударско енергетскиот комбинат РЕК Битола Златко Ќурчиевски на денешната прес конференција во Владата на Република Северна Македонија придружуван од Премиерот Зоран Заев и Генералниот Директор на АД ЕСМ Васко Ковачевски изјави дека РЕК Битола денес потпиша 16 договори со 5 фирми за набавка на 36 машини и камиони.

Следната 2022 година, РЕК Битола одбележува 40 години од почетокот со работа и вклучувањето на Блок 1 во електроенергетскиот систем на земјата. Две години претходно започнал ископот на јаглен и јаловина во Рудникот Суводол.

Во текот овие четири децении постоење на комбинатот, ваков обем на набавка на механизација не  се случил. Од 2008 година до денес биле набавени само неколку машини за потребите на Рудникот Брод Гнеотино.

Токму затоа, РЕК Битола во својата работа се потпираше на помошна механизација од надворешни, приватни фирми. За овие услуги, РЕК Битола во периодот 2006 – 2020 година, исплатил над 120 милиони евра.

Ветивме и набавуваме сопствена механизација за потребите на рудниците на РЕК Битола. – истакна директорот на РЕК Битола.

Ќурчиевски воедно ги образложи и развојните планови на комбинатот како и значењето на предвидената механизација за набавка:

РЕК Битола денес потпиша 16 договори со 5 фирми за набавка на 36 машини и камиони. Предмет на набавката се багери, булдозери, камиони, автодигалки, цистерни, грејдери, утоварувачи, ровокопачи.

Механизацијата е од реномирани и докажани производители како Волво, Коматцу, Рено, Белас и други, кои со квалитетот што го нудат гарантираат и квалитет во извршувањето на работите.

Се надевам се сеќавате, дека токму квалитетот, беше основен критериум на кој инсистираше овараководство на АД ЕСМ и на РЕК Битола при распишувањето на огласите за набавка на сопствена механизација изминатите три години.

Дополнително, со цел заштеда на парите на граѓаните, бидејќи ние сме, нели, друштво во сопственост на Владата, повеќе од двојно го намаливме износот за набавка на двојно поголем број машини од тендерот распишан во јуни 2017 година.

Во намерата не не поколебаа ниту долгите тендерски постапки и јас сум исклучително задоволен од конечниот исход. 

Со договорите кои денес ги потпишавме, РЕК Битола ќе задоволи околу 40проценти од потребите за помошна механизација, со што значително ќе се намалат вкупните трошоци за ангажман на градежни машини.

До крајот на годината се надевам дека комплетно ќе ја завршимепостапката за набавка на сопствена помошна механизација, односно ќе ги купиме и оние машини за кои на последниот оглас имаше несоодветни понуди од економските оператори.

Заштедите ќе генерираат средства кои комбинатот планира да ги насочи во проекти согласно Стратегијата за развој на енергетиката до 2040 година. Еколошки прифатливо производство, европски стандарди во производство на електрична енергија и заштита на животната средина се нашите приоритети во следните неколку години.

Оваа набавка освен економска, има и социјална димензија. Машините ќе ги управуваат работници вработени во РЕК Битола, а нашата првична проценка е дека ќе бидат потреби најмалку 150-тина работници од најразлични профили, кои во РЕК Битола ќе ја обезбедуваат егзистенцијата.

Набавката на сопствена механизација за потребите на рудниците во РЕК Битола е прва убава вест која доаѓа од комбинатот после подолго време. Заради тешките околности во кои работиме од поплавите што ги зафатија рудниците минатото лето, се чини дека не можеме ниту соодветно да се израдуваме.

Но, сакам да ја уверам целата македонска јавност дека како што имавме желба и волја да набавиме сопствена механизација, со истиот жар секојдневно ги решаваме предизвиците во РЕК Битола. Комбинатот во моментов е стабилен, производството се одвива непречено, а тоа е заслуга на сите вработени во РЕК Битола.

Токму тие, вработените во РЕК Битола, а и целата македонска јавност треба да бидат спокојни околу иднината на комбинатот и на електроенергетскиосистем на Северна Македонија.

Денешната набавка на сопствена механизација е најголема потврда за тоа.

Нека ни е со среќа! – истакна Ќурчиевски.

You must be logged in to post a comment Login

ОСТАВЕТЕ КОМЕНТАР