МФ: Со измените за сметководствени услуги нема промени во постапката за признавање квалификација од странство

Предложените измени на Законот за вршење на сметководствени услуги не прават никакви промени на тековниот пазар на сметководствени услуги во земјава, туку само се допрецизира тековното решение во однос на професионалната квалификација стекната во странство, наведува Министерството за финансии во писмената реакција на денешната прес-конференција на Комората на сметководители.

Во реакцијата се додава дека не се менува досегашниот концепт на постапката за признавање на квалификацијата стекната во странство.

 – Со тековните одредби физичко лице кое има професионална квалификација за сметководител или овластен сметководител од странство и сега може да се стекне со уверение за сметководител, односно овластен сметководител по претходно полагање на испити според Програмата која ја утврдува Институтот на сметководители и овластени сметководители согласно закон. Со предложените измени се допрецизира дека законската постапка се однесува на секое лице кое има професионална квалификација стекната во странство, а сака да се стекне со уверение за сметководител или уверение за сметководител издадено од Институтот, се појаснува во реакцијата.

Министерството посочува дека пристапот на нашиот национален пазар на сметководствени услуги на даватели на сметководствени услуги на европскиот економски простор, ќе се случи по пристапувањето на земјава во Европската унија, односно кога севкупниот наш пазар ќе стане дел од единствениот европски внатрешен пазар.

Од ресорното Министерство нагласуваат дека е предвидено изготвување на нов Закон за сметководствени услуги, кој, како што велат, ќе се носи преку инклузивен процес и на транспарентен начин. 

Комората на сметководители денеска на прес-конференција побара повлекување на законските измени на Законот за сметководствени работи и итна средба со министерот за финансии и претставници на Секторот за финансиски систем. Според нив, измените се дискриминирачки и дополнително ја загрозуваат професијата. Велат дека измените предвидуваат слободен влез во професијата за странски државјани од земјите членки на Европската економска заедница и се дискриминираат домашните сметковидители кои го имаат немаат ова право интернационално. 

You must be logged in to post a comment Login

ОСТАВЕТЕ КОМЕНТАР