На 28-ми март во ВМРО – ДПМНЕ ќе се гласа за смена на Мицкоски

Иницијативниот одбор закажа вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ на 28 март во Скопје. Членовите велат дека главни точки за дискусија ќе бидат отчет за сработеното од страна на актуелниот претседател Христијан Мицкоски и гласање на доверба.

Иницијативниот одбор за свикување вонреден конгрес по неколку месеци интензивна работа, успеа да обезбеди поддршка и потписи од големо мнозинство на делегати кои учествуваа при изборот на сè уште актуелниот претседател Христијан Мицкоски.

Делегатите кои пристапија се едногласни дека Мицкоски ги изневерил очекувањата и дека не исполнил ниту едно од дадените ветувања за враќање на партијата на победничките патеки, за зголемување на капацитетите за коалицирање и за обезбедување меѓународна поддршка, се наведува во соопштението.

Членовите на Иницијативниот одбор за свикување вонреден конгрес сметаат дека е недозволиво претседателот на којшто му ја дале довербата, да не свика конгрес и да не се обиде да им објасни кои се причините за последователните изборни порази и катастрофалниот рејтинг.

Затоа иницијативниот одбор одлучи, со поддршка на мнозинството членови, да свика седница на Конгресот надвор од редовниот термин. Иницијативниот одбор одлучи да го закаже 17-ти вонреден конгрес на ВМРО – ДПМНЕ на 28 март во Скопје.

Во наредните денови, Иницијативниот одбор ќе ги формира телата за спроведување на конгрсот, ќе го промовира слоганот и ќе почне со дистрибуција на покани и материјали за делегатите, се наведува во соопштението.

Членовите наведуваат дека ВМРО – ДПМНЕ со Мицкоски е руинирана до непрепознатливост.

Партијата е поделена, раскарана, нема капацитет за коалицирање и нема поддршка од стратешките западни партнери. Неговото бегање од одговорност и од заземање ставови по сите важни прашања резултираше со низа последователни порази на парламентарните, претседателските и локалните избори во Охрид, Штип и Ново Село.

Христијан Мицкоски нема капацитет да ја води партијата и тоа го препознаваат граѓаните, велат од Иницијативниот одбор.

Од таму наведуваат дека доколку Мицкоски ѝ мисли добро на Македонија и на ВМРО-ДПМНЕ веднаш ќе се повлече од функцијата и ќе го поддржи одржувањето на Конгресот.

Секој обид да се избегне отчетот пред делегатите кои го избрале е мајтапење со членството и купување време за лично богатење на грбот на партијата, велат од Иницијативниот одбор за свикување вонреден конгрес.

You must be logged in to post a comment Login

ОСТАВЕТЕ КОМЕНТАР