Новата романска амбасадорка на средба со Заев: Целосно ги поддржуваме европските перспективи на вашата држава

Премиерот Зоран Заев денеска оствари средба со новата амбасадорка на Романија во Македонија, Адела Моника Аксинте која изрази целосна поддршка за европските перспективи на земјава, но и заедничка определба за натамошно унапредување на билатералната соработка.

На состанокот, како што соопштија од владиниот кабинет, е изразена целосна поддршка од Романија за европските перспективи на нашата држава, и оценето е дека тоа е стратешки интерес на целиот регион и на Европа.

Пренесена е силна порака на охрабрување земјава да продолжи на патот на реформите коишто се во насока на доброто на граѓаните, како и на патот на остварувањето на стратешките цели. Констатирано е, исто така, дека членството на Република Северна Македонија во НАТО е придонес во безбедноста на целиот Балкан, а поздравени се и политиките на развивање на мултиетничноста и мултикултурата во земјата, како добар пример во пошироки рамки, се наведува во соопштението на Владата.
Прочитајте и… УХМР: Ветар со брзина над 70 км./ч. во Штип и во Струмица, над 60 км./ч. попладнево во скопската котлина
– Работиме на европски начин, преку политики на дијалог и се заложуваме за европски вредности. Минатото го поставивме како гаранција за иднината на граѓаните и државата и во таа насока продолжуваме. Сега сме фокусирани на заштита и помош на граѓаните и субјектите засегнати од пандемијата на здравствено-економски план. Економијата е стабилна и наша цел е, заедно со перспективите кон ЕУ, да отвораме економски перспективи за граѓаните и стопанството, посочил премиерот Заев.

На средбата е изразена заедничка определба за натамошно унапредување на билатералната соработка помеѓу Северна Македонија и Романија во областа на економијата и трговијата и преку поврзување на стопанските комори на државите. Од Владата соопштија дека се гледаат можности и за продлабочување на соработката и во областа на енергетиката, транспортот, туризмот, културата, образованието.

You must be logged in to post a comment Login

ОСТАВЕТЕ КОМЕНТАР