Шахпаска: Легализирани 55 ромски куќи и обновени девет во Општина Виниц

Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, заедно со раководителот на  секторот за соработка во Делегацијата на ЕУ во Скопје, Никола Бертолини и градоначалникот на Општина Виница Ивица Димитров, денеска беа во посета на ромската населба во Виница, со цел увид во тековните активности на проектот „ Обезбедување на пристојни услови за домување на ромската заедница во Општина Виница“, како дел од ИПА II Акциска програма 2017.

„Министерството за труд и социјална политика посветено работи на креирање на политики и активности кои што треба да ги решат проблемите на најранливите категории на граѓани. Заедно со Владата на РСМ, Европската комисија претставена преку делегацијата на Европската унија во нашата држава, работиме на проекти за подобрување и обезбедување на пристојни услови на домување на ромската заедница,“ истакна министерката Шахпаска.

Таа истакна дека целта на овој проект е  легализирање на домовите на 245 ромски домаќинства, од кои завршена е легализацијата на 55 ромски куќи, 122 куќи се во процес на легализација и 68 барања за легализација на ромски куќи зависат од усвојувањето на нов закон.

„Како втора компонента од овој проект е реконструкција и подобрување на условите за живот на 22 куќи од оваа населба, од кои 9 се завршени и комплетно финансирани со средства од овој проект. Дополнително, 622 жители, роми кои што живеат во оваа населба, ќе влезат во деталниот урбанистички план на градот со подобрени инфраструктурни услови,“ изјави министерката Шахпаска.

На денешната посета на Општина Виница како дел од проектот „ Обезбедување на пристојни услови за домување на ромската заедница во Општина Виница“ во општината им беа врачени документите за легализација на имот на неколку жители од оваа населба од страна на миниситерката Шахпаска, Г-н Бертолини и градоначалникот Ивица Димитров.

Од страна на градоначалникот Димитров беше истакнато дека покрај реновирањето на нивните куќи, легализација на имотите , сериозно се работи и на целосната инфраструктура на населбата, како веќе завршената реконструкција на пат, соларно осветлување на улиците и контејнери за складирање на отпад.

Идејата  и барањето  за имплементација на ваков  проект во нашата држава е на Министерството за труд и социјална политика, овозможен преку ИПА 2 програмата на Европската комисија, а како имплементатори се јавуваат Општина  Виница заедно со НВО Челим од Италија во соработка со Ромскиот  ресурсен центар од Општина Виница.

You must be logged in to post a comment Login

ОСТАВЕТЕ КОМЕНТАР