Битиќи најави инвестициски бум во инфраструктурата на Пелагонискиот Регион: За една и пол година ќе има автопат Прилеп – Битола

За една и пол година ќе се изгради автопат Прилеп-Битола по нови, европски стандарди, најави заменик-претседателот на Владата за економски прашања Фатмир Битиќи. Тој, заедно со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски денеска во прилепската локална самоуправа имаа средба со стопанствениците од регионалните комори на Прилеп и на Битола кои бараат современа инфраструктура во регионот, како услов за економски развој. Битиќи и Бочварски нагласија дека на стопанствениците им ги претставуваат сите владини развојни и инвестициски планови за овој значаен економски регион во земјава.

Вицепремиерот Битиќи нагласува дека земјава почнува со нов тип автопатски решенија, според „Фидик-постапка” за брза и евтина изградба, а се применуваат во ЕУ.

– За првпат воведуваме нов начин на градење на автопатски решенија според „Фидик-правилата” што се применуваат во ЕУ, што значи да имаме поевтино и побрзо автопатско решение. Ќе се заштеди барем 1,5 година во изградбата. Значи, за една и пол година, Прилеп Битола ќе имаат автопат. Очекувам дека веќе наесен ќе имаме избрана компанија која ќе работи на автопатот Прилеп-Битола, изјави Битиќи.

Тој нагласи дека пред стопанствениците на еден од најзначајните региони во земјава, пелагонискиот, кој е блиску до границата со Грција и до солунското пристаниште ги претставија владините планови за економски развој на регионот, а патната инфраструктура е една од најважните. Наредните години во оваа сфера ќе се вложат околу една милијарда евра, годинава преку 200 милиона, а од сите средства во овој Регион ќе се инвестираат околу 300 милиони евра.

За инвестирање во инфраструктурата ќе вложиме околу една милијарда евра во наредните години. Само годинава во инфраструктурата ќе се вложат над 200 милиона евра. Прилеп и Битола се општините кои добија најмногу средства од ТАФ-проектите и тоа три милиона евра, што е речиси 10 отсто од вкупните средства за сите општини. Ова само укажува дека, ако еден регион придонесува со 13 насто во бруто домашниот производ, а доби толкав износ, каков однос имаме кон локалната самоуправа. Пелагонискиот регион е атрактивен за компаниите. Пред сѐ поради близината на границата со Грција и пристаништето во Солун и затоа имаме намера овде да има вистински „инфраструктурен бум” со кој ќе направиме модерни и безбедни патишта. Вкупните инцвестиции во патната инфраструктура во овој регион наредните години ќе бидат околу 300 милиона евра, вели Битиќи.

Со стопанствениците се разговарало и за владините намери за системски промени кои ќе донесат царински и даночни олеснувања што е чекор напред за поддршка на домашните, но и на странските компании. Битиќи очекува ова да биде година на заздравување на економијата.

Досега донесовме системски мерки како што е укинување на царините за одредени тарифни броеви, а намерата е царинскиот тарифник да го усогласиме со европскиот. Очекувам оваа година да биде година на економско заздравување, закрепнување или рестарт на економијата. Во наредните години заедно да имаме нова развојна економија, изјави во Прилеп заменик-претседателот на Владата за економски прашања Фатмир Битиќи.

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски смета дека овие три години е инвестициска офанзива во регионот и се надминати претходните проблеми во патната инфраструктура.

– Во изминатиот тригодишен период во Пелагонискиот регион се случуваше силна инвестициска офанзива и во патната и во комуналната инфраструктура. Ги надминавме проблемите што ги наследивме во патната инфраструктура. Градежните активности од Градско до Дреново ги презеде компанијата „Страбак” и од минатиот месец се воведени во работата. За втората фаза, клучка Дреново до Фаришката клисура, се знае дека и таму изведувачот ја напушти трасата. ЈП „Државни патишта“ објави нов тендер за изградба на останатите 65 проценти од делницата. Во овој момент се врши евалуација на пристигнатите понуди. Што се однесува до третата фаза, од Прилеп до Ленишки мост и изградба на третата лента, сега се врши проектирање. Ќе заврши до крајот на март, а во мај ќе се распише и тендер за изведување на градежните зафати. Во меѓувреме ќе се рехабилитира магистралниот пат Фаришка клисура-Прилеп и за изградбата на трета лента на Плетвар. Заврши тендерската постапка и во фаза е евалуацијата. Годинава ќе се рехабилитира патот Битола-Меџитлија, а се работи и на експресниот пат, изјави Бочварски.

Според претседателот на регионалната стопанска комора, Мирко Велковски, пелагонискиот е втор по големина регион во земјава, но прв според производството што ќе биде поголемо доколку има современа инфраструктура.

– Пелагонискиот регион е со 8.300 правни субјекти и со 220.000 жители. Втор е по големина во земјава, но прв според количествата на произведено и на производи. Затоа ни се потребни современи инфраструктурни решенија. Ни треба автопатско решение Прилеп-Битола. И современо поврзување со соседството што ќе го зголеми протокот на 250.000 жители од пограничниот регион на Грција и на преку 200000 жители во Албанија, рече Велковски.

Средбата со владините претставници заеднички ја иницираа и ја поддржа регионалните стопански комори на Прилеп и на Битола и градоначалниците Илија Јованоски и Наташа Петровска.

You must be logged in to post a comment Login