Се набавува дивеч за ловниот резерват Полаки на Осоговските Планини

Набавени се првите грла елени за ловниот резерват Полаки на Осоговските Планини, со што се обновува фондот на дивечот, откако претходно заврши санацијата на заштитната ограда во должина од шест километри.

Постапката за обновување на условите што ги нуди ловиштето треба да овозможи унапредување на високобуџетниот ловен туризам, а се реализира како дел од проект за кој финансиска поддршка обезбеди Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC).

– За почеток ловниот резерват Полаки ќе се збогати со 15 грла елени што се набавени од ловиштето кај Гевгелија. Освен обновувањето на оштетената ограда, поставени се термални камери и друга опрема како дополнителна заштита на резерватот. Очекуваме негово постепено заживување и понатамошно збогатување на фондот на дивечот, со што ќе се реализираат и заложбите на локалната самоуправа на Кочани за проширување на туристичката понуда во регионот, истакна градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев.

Партнери во проектот „Градење на капацитети за одржливо управување со дивечот во ловиштето Полаки” се Министерство за животна средина и просторно планирање, Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, ЈП „Национални шуми”, Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем” од Скопје, Македонското еколошко друштво и Универзитетот за применети науки во Берн, Швајцарија.

Главни цели на проектот се подобрување на популацијата на диви животни, особено кај копитарите, да се воведе систем за мониторинг на дивите животни во просторот со кој управува ЈП „Национални шуми”, како и да се обноват поранешните добри практики за одржлив ловен туризам и да се внесат нови грла благороден елен.

Проектот за реконструкција на оградата и опремувањето на ловниот резерват се спроведува во рамки на Програмата за зачувување на природата во Македонија – фаза 2 (ПЗП) како проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), координиран од „Фармахем”- Скопје.

You must be logged in to post a comment Login

ОСТАВЕТЕ КОМЕНТАР