Ќерката на Мајкл Џексон ја раскажа приказната за нејзиниот татко и детството

Ќерката на Мајкл Џексон, Парис Џексон, зборуваше за нејзиниот татко и за детството, што, како што рече, било идеално за неа, и покрај обвинувањата против кралот на попот за несоодветно однесување кон децата.

Актерката, музичар и модел разговараше со моделот Наоми Кембел во шоуто „Без филтер“ на Јутјуб и истакна како нејзиниот татко и всадил силни работни навики и еклектичен музички вкус.

– Тато навистина се грижеше да биде културен, да имаме добро образование, и не само да ни покажува гламур и хотели со пет ѕвездички – рече Парис на почетокот на разговорот.

Таа вели дека покрај големите држави и градови, нивниот татко ги носел и во земјите од третиот свет да им го покаже целиот спектар на човештвото.

Парис имала само 11 години кога нејзиниот татко починал во јуни 2009 година, но и таа самата признава дека тој и останал најголем пример до денес.

– Уште од најраните денови, моравме да заработуваме пари за работи. Ако сакавме пет играчки, требаше да прочитаме пет книги. Чувството дека го заработивме, а не дека ни беше дадено, остана во мене до ден-денес. Сè уште сум свесна дека морам да заработам сè, дека ништо нема да ми се даде само затоа што сум ќерка на Мајкл Џексон – нагласи таа.

Досега, тој напор се исплати. Пред неколку недели, Парис беше модел во рекламна кампања за новата колекција на модната дизајнерка Стела Мекартни, а во ноември минатата година го издаде својот деби албум „Вилт“. Иако нејзините песни се претежно инди фолк, и воопшто не наликуваат на големите хитови на нејзиниот татко, Парис признава дека тој е нејзин пример.

You must be logged in to post a comment Login