Уапсени се најблиските соработници на Навални, сакале да протестираат

Двајца од најблиските соработници на Алексеј Навални се уапсени денеска, објавија нивните адвокати пред масовните протести за поддршка на притворениот критичар на Кремљ и за време на говорот за состојбата на нацијата од претседателот Владимир Путин.

Љубов Собол, која се појавува на ЈуТјуб каналот на Навални и нејзината портпаролка Кира Јармич се уапсени во Москва.

Опозицискиот лидер е многу слаб и лошо лекуван во болницата за туберкулоза каде што е задржан, предупредија неговите адвокати вчера и побараа да биде префрлен во Москва.

Блиски соработници тврдат дека тој може да умре во секој момент и ги повикале граѓаните ширум Русија денеска да излезат на улиците.

Владата предупредува дека планираните протести се незаконски. Претходно слични демонстрации насилно беа растурени од страна на полицијата и имаше илјадници уапсени лица.

Полицијата уапсила најмалку десет опозициски активисти во неколку региони во пресрет на протестите, објави невладината организација ОВД-Инфо.

Пребарувани се становите на приврзаниците на Навални во Санкт Петербург, Краснојарск и Екатеринбург, како и станот на новинар во Санкт Петербург.

“Како и обично, тие мислат дека ако ги изолираат лидерите, нема да има протест. Секако дека грешат”, рече Леонид Волков, близок соработник на Навални.

Путин, кој внимава никогаш да не го изговори името на неговиот жесток критичар, најави дека неговиот говор за состојбата на нацијата во парламентот ќе се фокусира на проекти насочени кон зајакнување на економскиот раст, кои се закануваат на западните санкции, ниските цени на нафтата и пандемијата на коронавирус.

Западот врши притисок врз Русија околу Навални, но без резултат.

Навални започна штрајк со глад на 31 март во знак на протест против условите во затворот. Тој ја обвини затворската управа дека не дозволува да го посетува лекар, а тој има повреда на хернијален диск и го изгубил чувството во рацете и нозете.

Тој беше уапсен во јануари кога се врати во Русија по петмесечното закрепнување во Германија од труење, за кое лично го обвинува рускиот претседател Владимир Путин.Тој е осуден на две и пол години затвор за измама во 2014 година, но тој тврди дека случајот е политички мотивиран.

You must be logged in to post a comment Login