Вучиќ и Курти нема да се сретнат во Брисел

Претседателот на Србија Александар Вучиќ ќе престојува во работна посета на Брисел на 26 април, а за време на посетата нема да има состанок со косовскиот премиер Аљбин Курти.

Премиерот на Косово Курти ќе престојува следната недела во Брисел, каде што ќе се сретне со претставници на Европската Унија, соопшти косовската влада.

Во соопштението се наведува дека за време на посетата нема да има средба со српскиот претседател Вучиќ.

„Премиерот Аљбин Курти кон средината на следната недела ќе го посети Брисел, каде ќе се сретне со претставници на институциите на Европската Унија. Нема да има средба на премиерот Курти со господинот Вучиќ“, изјави портпаролот на косовската влада Перпарим Криезиу.

Последната средба на највисоко ниво меѓу претставниците на Србија и Косово беше во септември минатата година, кога се сретнаа Вучиќ и тогашниот косовски премиер Авдулах Хоти.

Претходно беше објавено, повикувајќи се на меѓународни дипломатски извори, дека српскиот претседател и косовскиот премиер ќе се сретнат следната недела во Брисел, за да разговараат за можноста за продолжување на дијалогот и за создавање рамка за тој процес.

You must be logged in to post a comment Login