Netflix планира да понуди видео-игри на стриминг сервисот

Netflix го прави својот прв голем чекор надвор од телевизиските емисии и филмовите – планира проширување преку видео-игри, а на проектот му се придружува и Мајк Верди, поранешен извршен директор на Electronic Arts и Facebook Inc.

Верди ќе биде потпретседател за развој на игри, пишува Bloomberg, а идејата е да се понудат видео-игри на стриминг платформата во текот на следната година.

Netflix во последните пет години популаризираше содржини кои настанале по угледот на разни игри како сериите Castlevania, Dota 2 и The Witcher.

Игрите ќе се појават како нов програмски жанр, слично на она што Netflix го правеше со документарните филмови и стенд-ап специјалите. Компанијата моментално нема во план дополнително да ја наплаќа новата содржина.

Ваквиот потег ја покажува амбицијата на Netflix да им понуди нешто повеќе од ТВ емисии и филмови на своите повеќе од 200 милиони претплатници, особено бидејќи игрите стануваат сè поконкурентни поради вложувањата на Amazon, Google и Microsoft во оваа категорија.

You must be logged in to post a comment Login