Локализиран и ставен под контрола пожарот над Стар Дојран

Жителите на туристичката населба Карач во Стар Дојран, вчера околу 16 часот пријавиле дека над нивната населба избил пожар, кој, поради присуството на јужен ветер, имал можност да се проширува во правец на Нов Дојран.

Градоначалникот на Дојран, Анго Ангов, изјави дека благодарение на брзата интервенција на локалното население, доброволното противпожарно друштво од Дојран и противпожарните екипи, пожарот е локализиран и ставен под контрола со што не постои опансност од негово проширување и загрозување на викендиците и имотите на граѓаните и нивните животи.

Ангов изрази загриженот поради претпоставката дека и овој пожар е подметнат затоа што во рок од десетина дена ова е четврт обид за подметнување пожари, покрај претходните три кај село Фурка.

На сите екипи градоначалникот им изрази голема благодарност за брзата и благовремена интервенција при гаснењето на пожарот, а до локалното население упати апел да го променат несовесното однесување кое само ја уништува природата и им го загрозува животот на сите.

You must be logged in to post a comment Login