Јапонија, САД и Јужна Кореја го повикаа Ким да се врати на преговорите за нуклеарно оружје

Високи дипломати од Јапонија, САД и Јужна Кореја денеска ја повикаа Северна Кореја да се врати на разговорите за нејзиниот ракетен и нуклеарен развој, еден ден откако соопшти дека успешно тестирала нова крстосувачка ракета со голем дострел, што укажува на напредок во воените способности, пренесува АП.

На состанокот во Токио присуствуваа американскиот специјален претставник за севернокорејска политика Сунг Ким, јужнокорејскиот специјален претставник за мир и безбедност на Корејскиот полуостров Нох Кју-дук и јапонскиот генерален директор за Азија и Океанија Такехиро Фунакоши.

Американскиот пратеник Ким рече дека трите земји се отворени за дипломатска соработка со Северна Кореја „за да постигнат опиплив напредок што ја зголемува безбедноста на САД и нивните сојузници”.

Тој ја повика Северна Кореја да одговори позитивно, како што рече, „на нашите повеќекратни понуди да се сретнеме без предуслови”.

Вашингтон и неговите сојузници ќе продолжат да работат на целосна имплементација на сите резолуции на Советот за безбедност на Обединетите нации во врска со развојот на севернокорејските ракети, додаде тој.

Нох рече дека „трилатералната соработка е од суштинско значење за целосна денуклеаризација и траен мир на Корејскиот Полуостров”.

Северна Кореја тестираше новоразвиени крстосувачки ракети со голем дострел, јави вчера државната новинска агенција КЦНА, опишувајќи ги ракетите како „стратешко оружје од големо значење”, наведувајќи дека ракетите погодиле цели на далечина од 1.500 километри

You must be logged in to post a comment Login