Кондовски на средба со битолските стопанственици

Кандидатот за градоначалник на СДСМ и коалицијата, Христо Кондовски денеска оствари средба со претставници на Регионална Стопанска  комора Битола под претседателство на Мирко Велковски.

„Денеска заедно со г. Христо Кондовски, добро познат од областа на стопанството, истакнат бизнисмен, сакавме да поразговараме за потребите на стопанството во Битола. Како стопанство 20 години не сме добиле човек – кандидат за градоначалник од бизнис заедницата и затоа ова многу е многу значајна средба. Знаете Битола  во која фаза остана во овие 20 години, каде што фали улична инфраструктура, фалат делови од ГУП-от, планови детални кои чекаат повеќе од 5 до 10 години, така што стопанството очекува промена, очекува многу значајни проекти од новиот градоначалник. Ние сме среќни секој што ќе понуди програма да ја прифатиме, таа да биде квалитетна и таа програма да биде реализирана во следните четири години“, рече Мирко Велковски, претседател на Регионална стопанска комора.

Во присуство на голем број бизнисмени од пелагонискиот регион се дискутираше за актуелните состојби и приоритетите во стопанството.

„На мое огромно задоволство сум помеѓу стопанствениците да ги слушнам нивните предлози, идеи и проблеми, кои сум ги споделувал и досега. Тука сме да ги надополниме и се надевам на најдобри можни решенија. Стопанствениците се оние кои се двигател на локалниот економски развој. Обрнувајќи им ним големо внимание, обрнуваме внимание на цела Битола онака како што ја замислуваме – локално, економски, развојна Општина Битола“, рече Кондовски.

На средбата беше истакната и важноста од подобрување на патната инфраструктура, а се зборуваше и за значењето на проектите од национално значење како што се топлификацијата и гасификацијата.

„Интерно во Битола, кажано народски, до таблите каде што пишува Битола, веќе не треба да станува збор за тоа што треба да се направи. Градот има буџет, има ресурси, има администрација, стабилни фирми и јавни претпријатија и подобра инфраструктура е реално достижна. Заради законските одредби не можам да откривам детали од програмата, но секако голем дел се однесува токму на инфраструктурата. Што се однесува до плановите за гасификација и топлификација тоа е национална стратегија. Нивната реализација не е флоскула туку реалност и среќен сум што проектите за  гасификација и топлификација се во напредна фаза“- рече Кондовски.

You must be logged in to post a comment Login