Иконому: Со отворањето на училиштата помал број случаи на Ковид-19 кај децата во споредба со јули и август

Во првата седмица од отворањето на училиштето, бројот на случаи на Ковид-19 кај учениците беше помал отколку во јули и август, месеците кога немаше ниту настава, ниту масовни тестирања, рече портпаролот на грчката Влада Јанис Иконому на денешниот редовен брифинг со новинарите. Повикувајќи се на официјалните податоци од Националната организација за јавно здравје на Грција (ЕОДИ), Иконому посочи дека во месец јули, седмично во просек имало по 4.324 случаи на Ковид-19 кај деца од 4 до 18 години, во август биле 4.738 случаи, а во првата седмица од почетокот на учебната година имало 3.559 заразени деца.

-Како што произлегува од официјалните податоци на ЕОДИ, отворањето на училиштата, преку зголемениот број тестови и зголемувањето на имунизациската покриеност, значително е намалена циркулацијата на вирусот кај учениците во споредба со претходниот период, истакна Иконому.

За почетокот на академската година, повтори дека невакцинираните студенти, задолжително ќе се тестираат два пати седмично со ПЦР или рапид тестови и истакна дека досега, над 75 отсто од студентите или примиле една доза од вакцината или прележале, а  над 91 процент од наставниот и истражувачкиот кадар се вакцинирани.

You must be logged in to post a comment Login