“Добар ден таго” или омаж за уништените идеали на една младост

“Добар ден таго” е еден од најкултните романи на 20. век, што пред шеесет и седум години го напиша француската романсиерка Франсоа Саган како тинејџерка на само осумнаесет години. Со еден сентимент за идеалите на една младост, генерациски надрасна децении и спои два века во многу држави.

Иако по содржината и општествените таргети нема никакви допирни точки со она што сакаме да го кажеме, сепак, со насловот и неговата слоевитост, потсетува на една наша идеолошко – патриотска сага, што сега речиси е уништена.

Плурализмот на овие простори, за време и веднаш по распадот на федерацијата, ја возобнови и полнокрвно ја пресоздаде идејата на македонските родољупци, приврзани за својата татковина, за корените, традицијата и осамостојувањето со сите нишани на држава. Носител на таа длабоко патриотска идеа беше ВМРО – ДПМНЕ, со сите опструкции од левицата, удбашите, странските агентури, балканското буре барут и кој ли не.

Еден куп патриоти, приврзаници на оваа партија, силно го зграбија родољубието и традицијата, генерациски носени и создавани како длабоко вбразден корен на Каинавелска Македонија, но страдалничка, која сепак и секогаш, во сите бури и премрежја, опстојувала. Немаше мобилни телефони, но ја имаше “Радио Милева” и кога ќе се речеше митинг или патриотски собир, чеснољубивиот народ возљубен во татковината со илјадници ќе нагргнеа по плоштадите.

Така беше и така остана, а партијата чиј брод патриотите никогаш не го напуштаа, помина многу искушенија и обиди за уништување.

Сега, во пресрет на ова предизборие, се случи една чудна коалиција со Алијансата на Зијадин Села, еден ригиден радикал од оној маштаб што секогаш земале мерка на македоноцидот. ВМРО – ДПМНЕ и Алијансата? Просто неверојатно какви идеи има Алијансата, како Села беше еден од главните помагачи Заев да се устоличи на власт итн. Патриотите.

Вистинските родољупци од неколку генерации, сега силно се исправени пред предизвикот, дали и зошто да гласаат, кога врвот се заортачил со Села и Алијансата, кои ни пет пари не би дале за вистинските татковински идеи што ВМРО секогаш ги бранел.

Многумина од нив, можеби со право ќе апстинираат, а како потсетник нека им биде онаа епохална мисла на Саган од почетокот на овој омаж – Добар ден таго, кога во борбата за власт се продава или е предмет на пазарење се, па и најсветите вредности на сопствениот идеал.

You must be logged in to post a comment Login