Кадровска какофонија или Коалициска как[А]фонија

Во финишот на битолското локално предизборие, десницата експонирана преку ВМРО – ДПМНЕ, како да губи здив во својата безидејност преполна со ниски удари, подметнувања и критизерство, не можејќи да понуди оригинални идеи и длабоко запретана со своето епигонство во груевизмот и коленичењето пред Владимир Талески.

Да, актерот кој по три мандати на градоначалничката фотеља, на многу сегашни еминенции се уште им е длабоко навлезен во суперегото, иако од неговата сенка сакаат да побегнат како ѓаволот од темјанот.

Но, што се може, тоа е нивна плиткоумна судбина, додека тој во куќниот притвор со тешки думи, есапи колку денови и години ќе окрка во затвор, а допрва може да ќари уште некоја плус.

Сепак, малку поконкретно.

Кандидатот за градоначалник д-р Тони Коњановски ( во вмровската кампања тоа д-р им е најважно ) не може да се поврзе со Талески, зашто неговиот брат Зоран ( директор во РЕК Битола, па министер за одбрана но и други нескромно 2 министерства во времето на Груевски ) со актерот своевремено не сакаа да се навидат и си подметнуваа се што можат и не можат, со кодошлами кај Грујо.

На крај, Коњановски го “изеде” подебелиот крај од стапот, што може да биде и благодарен со длабок наклон зашто судењата на Миле, Спиро, Гоца и останатите сега може комотно да ги следи од домашната фотеља, наместо да биде нивни ортак.

Но, од друга страна, сега излегуваат некои бизниси од тоа време што со неговиот брат и актуелен кандидат ги кроеле и раскројувале во Преспа во синорот на “таткојната”, па дури и во Мариово. Ама никој не кажува, колку лапнаа по мајка во Охрид со денационализацијата од експроприран имот од “мајковината” создавана во време на Второто Бугарско царство, во срцето на Охрид.

За тоа, “мук”.

Гогољ одамна рекол: “Не му се лути на огледалото ако тие грдо лицето”.

Ете, барем ова е доволно за овој повод, иако сигурно има многу понови секвенци за фамилијата Коњановци, особено за нивното политичко и друго педигре половина век или еден век наназад.

Носителот на советничката листа и новопечен координатор Пеце Милевски, дете од село Оризари кој само си замислува дека е битолчанец, а чекласот се уште му виси во подопашникот, на Талески му беше едно од измеќарчињата во носењето на сите едноумни и интересџиски одлуки со какофоничната реплика: “Разбирам, разбирам, разбирам… ”

Дали сега е влезен во некаков филм дека се преобратил или ќе се преобрати како “спасител” ( која ли хипокризија), тешко дека гласачкото тело ќе може да го проголта, па дури и вмровското, од проста причина што само заради брзоплет компромис на раскараните групации стана координатор, ама за кратко, на многумина “им го спушти” што се вели по битолски, или пак ги зафркна, вака или онака.

Но, тука не завршува оваа какофонична сага.

Лидија Павловска, поранешна директорката на ОУ “Коле Канински” чиј хоби и учинок беше со Грујо да се слика штом тој ќе дојдеше, па Михајло Вангелов кој со Обвинителството се спогоди да добие условна казна наместо ефективна затворска казна заради злоупотреба на службена должност, па така натаму, тоа се кадрите кои битка ќе водат во Советот, за креирање на локални политики.

Се разбира, со лаење и гризење, условно речено, за да си го покријат бербатот од сеништата на минатото ( како се уште да го чуствуваат здивот на Талески и неговата позната иронична насмевка која со месеци ја вежбаше за шекспировиот “Хамлет” ).

А, сега и за коалициската как[A]фонија.

Со децении изигруваа патриоти и радикална десница, а Албанците од уста не ги вадеа како “клети Шиптари”. И сега, оп, под рака фатени со Алијансата натопорена со Села, фобични и радикални и малку подзаќутени заради кампањите.

Кое и какво гласачко тело ваквото битолско ВМРО може да анимира, првин кај себе, а потоа кај Албанците кои тука ги има барем неколку илјади?

Само хипотетички, колку опскурно и трагикомично би изгледало тие – од куќа, на куќа, да тропнат кај Албанците и да им речат, ајде гласајте за нас.

Како во полумрак и морничава тишина, во замислената вмровска соба да влегол гавранот на Едгар Алан По и загракал: “Никогаш повеќе, никогаш повеќе… ”

Можеби е премногу имагинативно, но барем е блиску до стварноста на оваа екипа што си замислува дека, ајде ќе тураме кофа кал и битолчани ќе припаѓаат за нас и ќе не гласаат со две раце.

Така изгледа сегашната и тукашна как[А]фонија на едно привидно и провидно коалициско дружење.

А, само по една недела, ама баш буквално, тоа ќе си биде – како да не било.

You must be logged in to post a comment Login