Се снима филм за Дејвид Боуви, ќе бидат прикажани досега необјавени видеа

Американскиот режисер Брет Морген го завршува филмот за големиот британски пејач Дејвид Боуви, базиран на мноштво ретки и досега главно необјавени снимки од неговите изведби, објави оваа недела американското списание Variety.

Според весникот, режисерот на овој проект работи четири години во тајност, а името на филмот се уште не е познато.

Извор близок до продукцијата рече дека филмот „не е ниту документарен ниту биографски, туку длабоко филмско искуство, делумно засновано на илјадници часови никогаш досега виден материјал“.

Филмот би можел да има премиера на филмскиот фестивал Санденс кон крајот на јануари 2022 година, шест години по смртта на легендарниот пејач.

Боуви почина на 10 јануари 2016 година, два дена откако наполни 69 години. Со музика се занимаваше цели пет децении, секогаш менувајќи го својот музички стил и имиџ.

You must be logged in to post a comment Login